Вести Македонија Најважни

Бројки, ветувања, пробиени рокови – почина Благојче Илиевски додека болните од цистична фиброза сѐ уште молат за лек

Додека министерот за здравство лицитира со бројки, ветува терапија, па се премислува за роковите – почина првиот пациент со цистична фиброза. Четириесет и петгодишниот Благојче Илиевски од Битола кој со нетрпение ја чекаше набавката на лекот „Трикафта“, ја загуби битката со неизлечивата болест. Благојче беше еден од оние кои беа во најкритична состојба, но надлежните ниту со итна набавка не донесоа лек за најтешките пациенти. Потресени, но и револтирани – од Асоцијацијата за цистична фиброза, за Телма ја потврдија веста.

„Немаме зборови коишто можат да бидат утеха во овој момент. Лично го познавав човекот, тој беше храбар, ведар, полн со оптимизам. Тој до последниот свој здив веруваше дека ќе го дочека лекот „Трикафта“ којшто беше соодветен за него и којшто според податоците и според очекувањата ќе го подобреше неговиот живот и ќе го извадеше од терминална фаза“, изјави Фики Гаспар од Асоцијација за цистична фиброза.

Утрово, министерот за здравство Беким Сали, на прашањата кога ќе има лек за пациентите со цистична фиброза, повторно зборуваше за законските измени и олеснување на административните процедури. Списоци, цени, рокови – сѐ тоа беше побавно од напредокот на болеста кај Благојче.

„Со овие измени даваме можност за преговарање, за да добиеме подобра цена на лекот, а секако го кратиме и периодот на јавната набавка знаејќи дека еден производител – еден лек, ние нема да имаме потреба да почитуваме досегашни рокови од триесет дена, па период на жалби, а тоа е нешто што нѝ одземаше околу два до два ипол месеци. Со овие измени, ќе биде набрзо“, изјави министерот за здравство, Беким Сали.

Од Асоцијацијата за цистична фиброза пред неколку дена, како и повеќепати досега, им порачаа надлежните да дишат со цевка кога седат и носат одлуки, за да ја сфатат итноста на нивната состојба и зошто молат за лекот. Организираа и протести, но ништо досега не даде резултат.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тодоров: СДСМ за цело време на мандатот губеше политички поени заради ДУИ

Дејан Дејан

Зеленски го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација

Дејан Дејан

ДИК ги објави првите официјални резултати од претседателските и парламентарните избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе