Вести Македонија Најважни

Ахмети, Таравари, Гаши и Тачи без Касами патуваат за Тирана

Македонската Влада е молчелива околу утрешното патување на неколку партиски лидери од Македонија во Тирана. Владини извори велат дека се работи за неофицијална меѓупартиска средба и дека врвен приоритет на Владата е успешно завршување на преговорите за членство во ЕУ. Нема одговор дали премиерот Ковачевски го исконтактирал колегата Рама за да се информира каква е идејата за средбата и кои теми се на дневен ред, особено што тројца од поканетите предводат партии кои партиципираат во Владата.

Од петмината поканети, четворица ја прифатија поканата на албанскиот премиер Еди Рама. На претседателот на БЕСА Билал Касами не му се оди бидејќи не сака да седи на иста маса со претседателот на ДУИ. Али Ахмети, Арбен Таравари, Африм Гаши и Мендух Тачи одговорија позитивно. Додека тие тврдат дека не ја знаат агендата, јавноста очекува да се разговара за уставните измени, евроинтеграциите, безбедносната состојба и тензиите во Косово.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, апелира да не се прави од тоа некаква конспирација бидејќи се работи за новогодишна средба на која ќе бидат разменети мислења за состојбите во регионот, евроинтеграциите и друго.

Поранешниот министер Џевдет Хајредини смета дека нема потреба од вакви средби бидејќи сите Албанци во Македонија имаат прозападна ориентација. Тој сугерира да се разговара само за криминалот и корупцијата во двете земји.

За политичкиот аналитичар Сефер Селими од „Демокраси лаб“, анахроно е  да се размислува дека станува збор за мешање во внатрешните работи на Македонија. Потенцира дека Рама е докажан пријател на Македонија и силен поддржувач на евроинтеграциите.

Македонската политичка јавност е внимателна, бидејќи од претходниот состанок на партиите на Албанците од Македонија со Рама пред точно шест години произлезе таканаречената Тиранска платформа. ДУИ, БЕСА и Алианса тогаш објавија Декларација од 7 точки за „ заедничка агенда со повеќе цели во секој нареден владин мандат“. Договорот за унапредување на статусот на Албанците го искористија при преговорите за формирање Влада.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вучиќ: Студентските протести „ќе влезат во историјата на срамот“ како највалканата обоена револуција

Дејан Дејан

Српските студенти со огромен протест во Крагуевац

Дејан Дејан

Мицкоски: Македонија мора да добие извесност во напредокот кон ЕУ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе