Темната прекривка повеќе денови по ред ја гуши Македонија. Отровен воздух се дише речиси низ целата држава, освен на планините и повисоките места. Лекарите апелираат повеќе посети на таквите места, но граѓаните прашуваат – што прават надлежните околу аерозагадувањето. Причините за пм10 честичките се бројни и земјата секоја зима се соочува со овој горлив проблем. Скопје и денес како и претходните денови, се издигна помеѓу првите петнаесет најзагадени светски градови, придружуван од други метрополи од регионот.
Загадениот воздух е причина и за сѐ повеќе здравствени проблеми. Последиците ги чувствуваат и повозрасните, но најмалите се најранливи. Амбулантата на детската болница Козле е преполна, периодов се редат и по двесте прегледи дневно. Сите болнички кревети се зафатени, а докторите со апел до родителите – да внимаваат на децата, затоа што бројните респираторни вируси кои се шират се доволен проблем, а двојно попроблематична е состојбата во комбинација со аерозагадувањето.
И не само Скопје, туку и други градови се дел од лошите статистики. Струмица исто така високо котираше на црните листи, а и Штип веќе седми ден по ред е меѓу градовите со загаден воздух. Мерните станици покажуваат дури и трипати повисоки бројки над дозволените граници. Парадоксално е тоа што Штип отсекогаш бил во поволна состојба поради географските предиспозиции, но овојпат ниту тоа не е доволно за да ги спаси штипјани од отровен воздух.
Поради состојбата со воздухот деновиве, со препораки излегоа и експертите од Институтот за јавно здравје. Да не се излегува на отворено без потреба, бремените жени да останат дома, а да се носи и маска која превенира вдишување на отровите од воздухот.
Петар Догов
