Еден блок во РЕК Битола од доцна синоќа е надвор од употреба поради дефект, информира директорот на МЕПСО, Муртезани. Се наоѓаат алтернативи во производството, додека да се санира истиот. Од МЕПСО велат дека тешко оди и наплатата на заостанатите долгови од страна на субјектите кои влечеле струја од мрежата на оваа компанија.
Капацитетите за производство на струја повторно се преполовија. По дефектот во ТЕЦ Осломеј кој се случи во неделата, доцна синоќа и блок 1 во РЕК Битола е исфрлен од употреба. Информацијата ја потврдија од МЕПСО, од каде што добиле информација дека исклучувањето е планско. 24 часа ќе трае ремонтот на блокот, а засега производството се одржува на алтернативни начини.
- „Во моментов, не можеме да кажеме точни бројки бидејќи тоа се менува постојано, во зависност од конекцијата на системот. Меѓутоа тоа што го гледаме денес иако е исклучен првиот блок во Битола – загубите се покриваат со хидро и од увоз и нема недостаток на електрична енергија во системот. Ние не ги знаеме плановите за производство на ЕСМ така што не можеме ние да кажеме како тие планираат да го одржат производството“ – Орхан Муртезани – Директор на МЕПСО.
МЕПСО е една од компаниите која побара од Регулаторната комисија за енергетика да се донесе одлука за поскапување на струјата. Барањата ги темелат на големи загуби во преносната мрежа, а директорот Муртезани вели дека и сѐ да биде прифатено од страна на РКЕ, вкупната цена на струјата нема значително да се зголеми.
- „Нашето барање за покачување на преносната тарифа за 29,7% е врз основа на високите цени за покривање на загубите во преносната мрежа. Колку и да се зголеми нашата преносна тарифа тоа нема да има над 5% врз вкупната цена на електричната енергија во земјата“ – Орхан Муртезани – Директор на МЕПСО.
Засега тешко оди наплатата на долговите коишто ги натрупаа субјектите кои влечеа струја од мрежата на МЕПСО во изминатиот период, велат од компанијата. Станува збор за милионски суми, а фирмите кои навремено не ги извршиле своите обврски се со привремено блокирани сметки и како легнуваат средства на нивните сметки, така и МЕПСО наплаќа само дел од долгот.
Петар Догов
