Вести Македонија Најважни

Празничната трпеза годинава ја изеде ситниот буџет

Елките и украсите наместо новогодишна еуфорија, годинава ќе носат надеж за подобар живот и поисполнети торби за пазарување. Луѓето скромни, но и критички настроени. Лага е дека поевтинуваат основните производи, велат оние кои ги затекнавме на пазар.

Празниците ќе се празнуваат без претерување, на масите ќе се јаде колку што дозволува изедениот буџет среде огромна криза.

„Народот веќе е разочаран од немаштија, од високи цени, производите отидоа „до плафон“. И така, секој разочаран чека празници онолку колку што му дозволува џебот. Невидена катастрофа е со цените на производите по маркетите и на пазарите. И не мислам дека ќе се намалат туку напротив, ќе се зголемуваат цените“ смета еден од редовните купувачи на пазар.

„Ние пак преживуваме, но тоа не е како што треба. Знаеме ние и скромно да поминеме. Имаме право и ние на убав живот, но богатите нам не нѝ даваат да живееме“ е ставот на купувачка.

„Цените сигурно нема да спаднат туку ќе одат нагоре. Инфлацијата си го прави своето и према тоа нема што да мислиме многу. Кога веќе цената на лебот се качи нагоре, за другите производи воопшто не треба да разговараме“ додава уште еден од луѓето кои ги сретнавме на пазар.

Од Сојзот на синдикати направиле пресметки. Калкулаторот вели – треба да порасне и минималната плата, ако се земат предвид трошоците за живот и порастот на просечната плата.

„Во моментов кога би се зголемила минималната плата, таа би изнесувала 20.107 денари. Според пресметките, трошоците за живот и порастот на просечната плата согласно последните податоци изнесуваат вкупно 24,6%, а според Законот за минимална плата во новата пресметка се земаат 50% од тоа“ се вели во соопштението на ССМ.

Државата се движи „без компас“ и вештачкото зголемување на минималната плата ја продлабочи инфлацијата, оценуваат дел од експертите. Сериозен проблем е масовното задолжување кое стигна до 8 милијарди и ги проби европските стандарди. Потребно е државата да се вклучи за да им помогне на најсиромашните, заклучува социологот Илија Ацевски.

„Кога зборуваме за сиромаштија, Македонија меѓудругото е и социјална држава. Тоа значи дека оние категории од населението коишто се соочуваат со тие елементарни претпоставки за нормален живот – државата тоа мора да го обезбеди. Од тоа не можеме да избегаме“ вели проф. д-р. Илија Ацевски, социолог.

Последните објавени мерења на Државниот завод за статистика покажуваат пораст на трошоците на живот. Крупни се бројките или во проценти изразено – за 19,5 отсто повеќе во ноември годинава, споредено со ноември минатата година.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе