Вести Македонија Најважни

Денеска итна седница на Судски совет – ќе се расправа за случајот „Таргет-тврдина“

Судскиот совет на Република Северна Македонија денеска ќе одржи седница на која ќе расправа по изнесените информации во јавноста за постапувањето на Апелацискиот суд Скопје по предметот познат како „Таргет-Тврдина“, како и по други премети од интерес за јавноста кои се на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, во врска со одлуката на Апелацискиот суд Скопје со која беше укината првостепената пресуда и предметот „Таргет-Тврдина“, најави дека во рамки на нејзините овластувања веднаш ќе преземе дејствија, а Судскиот совет согласно своите надлежности, ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и за констатираната фактичка состојба.

Премиерот Димитар Ковачевски како и многумина други изрази разочарување во однос на овој судски случај, што, како што кажа, само ја потврдува ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем мерено според истражувањата на јавните мислења. При тоа подвлече дека како Влада ниту се мешале, ниту ќе се мешаат во судската власт, односно во судството со оглед дека судството и правосудството не се место за политичка борба и политички натпревар.

Претседателот Стево Пендаровски изрази шокираност од одлуката на Апелацискиот суд да ја укине пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, во која поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор.

Одбраната на Сашо Мијалков, пак, ја поздрави одлуката на Апелациониот суд во Скопје оценувајќи ја како законита и праведна и заснована на доказите и фактите кои се наведени во жалбата поднесена против првостепената пресуда.

Апелациониот суд Скопје, во петокот, ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“, и ја укина првостепената пресуда, а предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување. Во образложението на Апелацискиот суд стои дека при разгледување на пресудата констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер.

За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК,  Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица. На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Чикаго, Детроит, Вашингтон и Њујорк под чад кој се шири од пожарите во Канада

Sasko Dimovski

Англија ќе воведе забрана за продажба на енергетски пијалаци на лица под 16 години од април во 2027 година

Sasko Dimovski

ЕУ назначи Словенец за „помирување и нормализација“ на Западен Балкан

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе