Бура реакции по одлуката на Апелација за поништување на пресудата во предметот Тврдина-Таргет. Поранешните функционери Зоран Заев и Никола Димитров се сомневаат дека ова ќе доведе до застарување на предметот поврзан со злоупотреба на службената должност на Сашо Мијалков и 10 други лица заради масовно прислушување. Дел од адвокатите се уверени дека Кривичниот суд тоа нема да го дозволи и дека пресуда – ќе има.
„Со двете поништени пресуди, директно се упатува на враќање, а со тоа и на повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка, а се мотивираат и други на вакви дејствија со кои масовно се газат човекови права… Што е следно? Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Утре да станеме членка на ЕУ – тоа нема да го испере овој срам и блам“, напиша поранешниот премиер, Зоран Заев на Фејсбук.
„Дури и да имало апсолутна повреда на кривичната постапка во прв степен, требало Апелација да одлучи мериторно – да ја потврди или преиначи пресудата на Основниот суд. Вака, ем избегале од одговорност, ем завршиле работа, предметот ќе застари. Оваа кал е резултат на клиентелизмот, поставување „наши“ и „ваши“ судии и обвинители кои потоа должат и враќаат услуги“, реагира Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи, на Фејсбук.
Соња Николовска
