Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев со реакција на Фејсбук по одлуката на Апелацискиот суд Скопје да ја укине пресудата за предметот „Таргет-тврдина“ што беше отворен за масовното нелегално прислушување во земјата. Меѓу обвинитетите и осудени лица беа поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков кој доби 12 години затвор и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска на која ѝ беше изречена четиригодишна затворска казна.
„Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам“, наведе, меѓу другото, Заев во објавата на Фејсбук.
Тој потсети дека стотици илјади граѓани со години се бореа за уривање на, како што вели, „алчните арамии од режимот и успеавме. Сега, некој се исмева со таа борба и се обидува да ја ништи освоената правда“.
„Со двете поништени пресуди, директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка и секако се мотивираат и други чинители да прават исти вакви грозоморни дејствија со кои се газат масовно човекови права и сите вредности за кои се бореше целиот македонски народ пред само неколку години преку Шарената револуција. Ги повикувам сите надлежни од и околу правосудството, сите со грам одговорност за иднината на нашата земја и нашиот народ, да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат бидејќи за нивните злодела има докази чисти како ден“, напиша Заев на Фејсбук.

