Тензиите на Косово растат. Косовската полиција и локалните медиуми соопштија дека ноќта поминала со низа инциденти, во неколку наврати се слушнале пукања, детонации, а блокадите на патиштата кои ги поставија етничките Срби останаа и утринава. И мисијата на Европската унија за владеење на правото, извести дека синоќа била фрлена шок-граната врз извидничка патрола на ЕУЛЕКС, но во инцидентот немало повредени или материјална штета. Од таму повикаа одговорните да се воздржат од провокативни дејства, а косовските институции сторителите да ги изведат пред лицето на правдата. На „Твитер“ се огласи и високиот претставник на Европската Унија, Жозеп Борел кој порача дека мирот на Косово мора да се зачува.

ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС Косово или употреба на насилни, криминални дејствија на север. Групите косовски Срби мора веднаш да ги отстранат барикадите. Мора да се врати спокојството. ЕУЛЕКС ќе продолжи да се координира со косовските власти и КФОР. Сите актери мора да избегнуваат ескалација, напиша Борел на Твитер.
Србија и Косово и денеска продолжија со поставување црвени линии. Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, утринава рече дека Белград нема да преговара за измена на бриселскиот договор и нема да се откаже од формирање на заедници на српските општини. Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија е посветена на мирот и стабилноста и дека „ќе победи мирот, а не Курти“. Косовскиот премиер Албин Курти пак со став дека Косово сака мирно решение но дека во говорот на Вучиќ видел воена реторика.

Србија веќе неколку дена му се заканува на Косово со агресија. Претседателот и премиерот на Србија повикуваат на враќање на српската војска на Косово. Илјада војници велат, повикувајќи се на резолуцијата на ОН 1244.Сакаат двојно враќање. Првото, враќање на времето на Милошевиќ и војната. Второ, дека косовското прашање треба да се врати во ОН и што подалеку од ЕУ. Косово е европска, демократска и проамериканска држава. Со ова раководство што го има Србија е автократска, проазиска и милитантна. Не сакаме конфликт, сакаме мир и напредок, но на агресијата ќе одговориме со сета моќ што ја имаме, изјави Курти.
Состојбата ескалираше откако во текот на вчерашниот ден беше уапсен Дејан Пантиќ поранешен припадник на полициските сили на северот од Косово што според српската страна значи продолжување на репресијата и заплашувањето на српското население, а косовските власти пак својата акција ја правдаа дека Пантиќ бил вмешан во инциден предизвикан во седиштето на општинската изборна комисија. Косовската претседателката Вјоса Османи ги одложи локалните избори што требаше да се одржат на 18 декември во четири општини со претежно етничко српско население, во обид да ја смири напнатоста.

Мојот предлог на оваа средба беше да се одложат изборите за градоначалници на комуни во овие четири општини и општински собранија во две општини. Разговаравме за најсоодветниот датум, потребното време и на крајот со целосен консензус по мојот предлог дојдовме до заклучок изборите да се одложат за месец април 2023 година, соопшти косовската претседателка.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, вчера рече дека формално ќе побара дозвола од НАТО за распоредување на српски трупи во северно Косово согласно резолуцијата 1244 за која тврди дека не се почитува од страна на властите на Косово.

Ние денеска го усогласивме текстот кој е во согласност со резолуцијата 1244 и со кој ќе упатиме барање до командантот на КФОР да обезбеди распоредување на припадниците на војската и полицијата на Република Србија на територијата на Косово и Метохија согласно резолуцијата на Собетот за безбедност, рече Вучиќ.
Српските власти тврдат дека резолуцијата на ОН со која формално стави крај на крвавата репресија на земјата против мнозинските сепаратисти од косовски Албанци во 1999 година дозволува околу 1.000 српски војници да се вратат во Косово.
Согласно ваквото барање мировниците предводени од НАТО кои работат на Косово од војната ќе треба да дадат зелено светло за српските трупи да одат таму, нешто што е многу малку веројатно бидејќи тоа де факто би значело предавање на безбедноста на северните региони на Косово населени со Срби на Српските сили, потег што може драматично да ги зголеми тензиите на Балканот.
Александар Петрески
