Националната единица за борба против криминалот при СВР Свети Николе поднесе кривична пријава против 39-годишна скопјанка за сомнение за несовесно работење во службата.
Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство Свети Николе поради наводно непостапување при извршување на службените обврски. Според МВР, пријавената во периодот од ноември 2022 до август 2024 година, како претседател на Комисијата за оценување на исполнетоста на условите за одгледување канабис за медицински цели при Министерството за здравство, не организирала и не спровела законски предвидени контроли кај правно лице во Свети Николе.
Од МВР информираат дека со пропуштањето на контролите било овозможено производство над дозволеното количество, при што со последователна контрола во февруари 2025 година бил констатиран вишок од 56 килограми канабис. Случајот е предаден на надлежното обвинителство за понатамошна постапка.
