Вести Македонија

Обвинителството побара осудителни пресуди, а одбраната смета дека нема докази за тројцата обвинети за убиство на ракометарот Денис Тот

Изрази искрено сочувство и жалење за изгубениот човечки живот и рече дека во ниеден момент не мислел да му наштети на ракометарот Денис Тот. Ова го кажа првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски, а жалење изразија и другите обвинети, Клементина Лефковска и Андреј Костовски.

По два месеци судење, обвинителката Тања Трајчева во завршните зборови побара судот да ги осуди тројцата обвинети, повикувајќи се на доказите дека тие биле со добра психичка состојба и можеле да ги претпостават последиците.

Јасно произлегува дека обвинетите презеле заеднички дејствија и го сториле кривичното дело. Притоа, произлезе дека кај обвинетите постоела умисла за сторување на наведеното кривично дело и истите биле свесни дека поради нивното сторување може да настапи штетна последица, но се согласиле со нејзиното настапување, кажа Тања Трајчевска, обвинителка од Основното јавно обвинителство – Скопје.  

Според одбраната на првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски, тој немал умисла и ги задал ударите во афективна состојба, предизвикана од сега починатиот Тот.

Неговиот адвокат се повикува на наодот од вештите лица, дека Ѓорѓиевски поради силна раздраливост бил под силни емоции и со намалена пресметливост.

Обвинетиот ги презел дејствијата од актот со цел да возврати на физички напад од оштетениот и да го повреди, а не да го убие. Сето тоа е во афективна состојба на бес, која според стручното мислење на вештакот, обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски ги презел со цел да возврати на физичкиот напад на оштетениот кон него, кој претходел, кажа Иле Танев, одбрана на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски. 

Одбраната на обвинетиот Андреј Костовски посочи дека тој се кае што таа вечер се нашол на тоа место, но ниту сакал, ниту пак преземал дејствие со кое некого би лишил од живот. Вели дека Костовски ја прифаќа својата вина за учество во тепачка, но не и за сторување кривично дело убиство.

Адвокатот на Клементина Лефковска која на видеото се гледа како го клоца ракометарот Тот додека тој лежи на асфалтот, смета дека не постои силен доказ дека таа ја нанела смртоносната повреда и тоа ја ослободува од вина за стореното кривично дело кое и се става на товар.

Адвокатот, пак, на семејството на Денис Тот, побара отштета од 9 милиони денар поединечно – за таткото, мајката и братот на ракометарот.

Критичната ноќ на 7 април годинава, пред ноќен клуб во Градскиот парк, по кратка расправија, тројцата обвинети му нанеле повеќе удари на ракометарот Денис Тот, а со тоа и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се наведува во обвинителниот акт.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Велики четврток – почнуваат велигденските празнувања

Дејан Дејан

САД ја обвинуваат Русија за употреба на хемиско оружје во Украина

Дејан Дејан

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата во Северна Македонија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе