Тимот експерти на Меѓународната агенција за атомска енергија предводена од директорот Рафаел Гроси пристигна во Киев, а најавите се дека веќе утре ќе пристигнат во нуклеарната централа Запорожје каде треба да го отпочнат мониторингот. Експертскиот тим „ќе преземе итни заштитни активности“, ќе ја процени штетата, ќе ја утврди функционалноста на безбедносните системи на централата и ќе ги процени работните услови на персоналот во контролната соба. САД ја повикаа Русија да дозволи создавање демилитаризирана зона околу нуклеарната централа Запорожје
Русија треба да обезбеди безбеден, неограничен пристап за овие независни инспектори. Ние, исто така, веруваме дека Русија треба да се согласи на демилитаризирана зона околу централата. Како што рековме многу пати нуклеарната централа не е соодветна локација за борбени операции. Меѓувреме, ние продолжуваме да веруваме дека контролираното исклучување на нуклеарните реактори во Запорожје ќе биде најбезбедната и најмалку ризичната опција во блиска иднина, порача портпарол на Советот за национална безбедност, Џон Кирби.
Според Кремљ, мисијата на МААЕ е неопходна, но исклучена е можноста да се напушти локацијата. Русија смета дека сите земји треба да извршат притисок врз Украина да престане да ја гранатира нуклеарната централа. Москва посочи дека мисијата била договорена уште на 3ти јуни во детали.
Слушаме апсолутно несоодветни и невистинити оценки од западните земји за тоа што се случува. Многумина од нив се преправаат дека со недели се обидуваат да ја убедат Руската Федерација дека оваа мисија треба да се реализира. Или пак се преправаат дека конечно го пробиле, како што велат, отпорот на Москва по ова прашање. Ова е апсолутна лага, се препишува наопаку. Од 3 јуни оваа мисија беше договорена со раководството на МААЕ со сите детали, истакна портпаролот на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Русија ја презеде нуклеарната централа во март и оттогаш таа е под контрола на руската војска, но продолжи со работа под управа од украински техничари и специјалисти од украинската компанија „Енергоатом“. Загриженоста од нуклеарна катастрофа во регионот постојано расте по зачестените воени дејствија во регионот, од кои во неколку наврати и Запорожје се најде под артилериски и ракетни баражи.
Ситуацијата во Украина, половина година по нападот од Русија не се подобрува, a Европската Унија ќе продолжи да ѝ пружа помош на земјата, иако резервите оружје во земјите членки се намалуваат, истакна високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел пред состанокот на министрите за надворешни работи што се одржува во Прага.
Има нуклеарно коцкање во нуклеарната централа Запорожжје нешто што е многу опасно. Така, ситуацијата на теренот и понатаму е многу лоша. На Украина и треба нашата поддршка и ние ќе продолжиме да ја даваме оваа поддршка и со воени капацитети, а исто така министрите ќе разговараат за идејата за воспоставување мисија за обука на високо ниво за украинската армија, рече високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеф Борел.
По барањето на украинската Влада Европската Унија денеска испорача пет милиони таблети со јод како превентивна мерка против радијација од нуклеарната централа во Запорожје, со цел да се спречи радиоактивно труење на локалното население.
Александар Петрески
