Вести Свет Топ вести

Нуклеарна катастрофа се поголема реалност меѓу обвинувањата на Киев и Москва

Војната која започна пред половина година не покажува знаци дека ќе заврши наскоро. Голем дел од воените експерти сметаа дека за да се седне на преговарачка маса и преку дијалог да се изнајде решение потребно е двете страни да престанат да размислуваат за победа и за победник. Со цел разгледување можност за изнаоѓање решение преку дијалог со Украинскиот претседател Володимир Зеленски на маса седнаа турскиот Претседател Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. По вчерашната средба во Лвив порачаа дека никој не сака на човештвото да му се повтори уште еден Чернобил. Меѓувреме растат стравувањата од нуклеарна криза поради воените дејствија околу најголемата нуклеарна централа во Европа, Запорожје, особено по меѓусебните обвинувања на Киев и Москва дека за денеска можни се провокации кои би имале несогледливи последици.

Мора да преовладува здравиот разум за да се избегнат какви било дејствија што би можеле да го загрозат физичкиот интегритет, безбедноста или безбедноста на нуклеарната централа. Објектот не смее да се користи како дел од каква било воена операција. Наместо тоа, итно е потребен договор за повторно воспоставување на Запорожје како чисто цивилна инфраструктура и за обезбедување на безбедноста на областа, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека со Гутереш се договориле за активности на можната мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија во нуклеарната централа во Запорожје и додаде дека Русија треба веднаш да ги повлече своите сили и да престане да ја гранатира нуклеарната централа.

Русија мора веднаш и без услови да им дозволи на претставниците на МААЕ во станицата. Исто така, веднаш и без услови, тие мора да ги повлечат трупите од територијата на електраните. Светот има моќ да го обезбеди тоа. Ако светот не го обезбеди тоа, значи дека можете да ги фрлите сите меѓународни документи за нуклеарна и радијациона безбедност во ѓубре. Русија го уништува овој меѓународен поредок“, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски.

 Од Стејт департментот на САД повикаа областа да биде прогласена за демилитаризирана зона и ја обвинија Русија дека континуирано спроведува воени дејствија околу централата.

Слушнавме дека претседателот Зеленски ги кани инспекторите на МААЕ на украинска територија за да бидат присутни во близина на нуклеарната централа. И ги повторивме нашите повици за демилитаризирана зона во и околу нуклеарната централа Запорожја, бидејќи континуираното спроведување на операциите на Русија, нејзиното континуирано извршување на воените цели во и околу нуклеарната централа е врв на неодговорност, вели портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.

 Москва го отфрли предлогот да ги повлече своите воени сили од централата и регионот бидејќи според нив на тој начин би се загрозила безбедноста на нуклеарните објекти поради како што рекоа постојаните напади од страна на украинските воени сили. Вчера пак обвинија дека Киев и Западот за денеска планираат низа „провокации“ за како што рекоа да се создаде „вештачка катастрофа“.

На 19 август, единиците на 44-та артилериска бригада на украинските вооружени сили планираат да извршат артилериски напади на територијата на нуклеарната централа Запорожје од стрелачки позиции лоцирани во градот Никопол. Вината за нејзините последици ќе биде лоцирана на руските вооружени сили, истакна портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.

Руската армија во март ја окупираше нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, но со неа продолжија да управуваат украински инженери. Работниците во централата информираат дека таа од крајот на јули нуклеарката е постојано мета на артилериски и ракртни напади.

Александар Петрески

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожарите се приближуваат до Бордо, евакуирани стотици илјади луѓе

Kristina Kuzmanovski

Забрана за пиење вода во Булачани, СДСМ бара итни анализи

Kristina Kuzmanovski

Ребаланс на буџетот: Дефицит над 750 милиони евра

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе