Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жосеп Борел изјави дека делегациите на Белград и Приштина денеска не постигнале договор во дијалогот во Брисел, но оти е договорено разговорите да продолжат наредните денови.
Тој истакна дека до 1 септември за кога беше одложена одлуката на Приштина за пререгистрација на возилата и личните документи, има уште време, нагласувајќи дека нема да се откаже од потрагата по решение.
Актуелните прашања беа и најитните точки на нашата агенда. Сведоци бевме на неодамнешните тензии околу регистарските таблички и документите за влез и излез за луѓето кои патуваат помеѓу Косово и Србија. Меѓународната заедница не сака да види обновување на тензиите и во следниот период, и двете страни ќе бидат целосно одговорни за било каква ескалација на терен. За жал, денеска не постигнавме договор. Не, жал ми е, но ова не е крај на приказната. И двајцата лидери се согласни дека процесот мора да продолжи и дискусијата ќе продолжи во следните денови. Сѐ уште има време до 1 септември. Јас нема да се откажам. Денеска нема договор, но ние нема да се откажеме. Мораме да продолжиме да разговараме. Мораме да продолжимеда бараме решение и процесот ќе продолжи, рече Борел.
Борел посочи дека лидерите се согласуваат разговорите да продолжат и да бараат решение за смирување на ситуацијата на Косово.
Тој рече дека ова е критичен момент за Европа по рускиот напад на Украина, оти е многу драматичен и опасен момент за континентот, како и дека „не е време за зголемување на тензиите, туку за барање решение“.
Шефот на европската дипломатија уште нагласи дека јасно им ставил до знаење на двајцата лидери дека крајната цел на Европската унија е да се најде начин за напредок, а првиот чекор е да се бара решение за актуелната ситуација.
Средбите денеска траеја долго. Најважно е што се согласивме дека мора да работиме заедно, одговорно, политички интелигентно, за да најдеме заемно прифатливо решение што ќе донесе стабилност и безбедност за граѓаните во регионот, но и за Европа во целина. Наша должност е да продолжиме со дијалогот, рече Борел.
