Потешко повредените деца од несреќата со српскиот автобус на автопатот Тракија остануваат на интензивна нега.
Ноќта ја поминаа релативно мирно, изјави директорот на „Пирогов“ д-р Валентин Димитров. Според Димитров, денеска треба да се извршат високоспецијализирани прегледи на едното дете од Србија заради прецизирање и поставување конечна дијагноза.
На другото дете му претстои голема операција, со цел да се стабилизираат скршениците на карлицата. Двете повредени деца од Србија се на Одделот „Детска реанимација“ во болницата во Софија.
Нема директна опасност по животот, но тие се во тешка состојба, времето е прекратко за да имаме некоја поголема промена, рече Димитров.
Директорот на болницата „Пирогов“ вчера се сретна со роднините на повредените деца и со привремената управителка на амбасадата на Србија во Бугарија, Славица Паниќ, за да ги информира за преземеното лекување.
