Главните воени команданти на Исламскиот џихад во Газа се неутрализирани во последните два дена во воздушните напади на израелската армија врз вооружената палестинска група, соопшти синоќа израелската армија.
Раководството на военото крило на Исламскиот џихад во Газа е неутрализирано“, рече Одед Басиок, шеф на одделот за воени операции на еврејската држава, во соопштение испратено до АФП, пренесува Хина.
Во израелската операција во Газа, според властите на палестинската енклава, загинале повеќе од 20 лица, меѓу кои шест деца.
Радикалната палестинска група „Исламски џихад“ денеска потврди дека нејзиниот висок командант бил убиен во израелски воздушен напад во Појасот Газа.
Сараја Ал Кудс тагува по водачот Калед Мансур, член на Советот за безбедност и командант на југот од Појасот Газа, кој вчера загина како маченик во израелски воздушен напад“, се вели во соопштението на групата.
Во соопштението се прецизира дека Мансур загинал заедно со уште двајца борци во градот Рафах, во јужниот дел на Појасот. Се посочува и дека се убиени петмина цивили, меѓу кои дете и три жени, откако во нападот биле уништени неколку станбени згради во Рафах.
Според денешното соопштение на израелската армија на Западниот Брег се уапсени дваесет осомничени членови на „Исламски џихад“.
Овој нов конфликт меѓу израелската армија и вооружените групи во Газа, започна во петокот и е најлош од мај 2021 година. Израелските власти тврдат дека неколку палестински деца загинале синоќа во Џабалија, на север, од залутана ракета истрелана од Исламскиот џихад, а не од војската.
