Вести Свет Топ вести

Украинските земјоделци ја започнуваат новата жетва, додека минатогодишната сѐ уште им стои во складиштата

Овогодинешната жетва на ураинската пченица започнува, но 22 милиони тони од минатогодишната се сѐ уште заглавени во земјата, поради руската блокада на црноморските пристаништа. Украинските власти предупредуваат дека доколку не се отворат поморските рути за транспорт на житните култури, тоа ќе доведе до нарушување на глобалното снабдување со храна, и дополнително зголемување на цените, поради што Организацијата за храна и земјоделство на ООН проценува дека директно ќе бидат погодени над 180 милиони луѓе во светот.

Се надевам дека ќе пронајдеме решение да ги отвориме пристаништата, бидејќи без отварање на пристаништата мислам дека украинските земјоделци нема да преживеат. А ако украинските фармери не преживеат, нема да можеме да ги храниме африканските земји, вели Микола Хорбачов, претседател на украинската Асоцијација на производители на пченица.

Големата количина сѐ уште неизвезена пченица во земјата предизвика спротивен ефект од глобалните пазари. И додека на светските берзи еден тон пченица се продава за околу 350 евра, украинските земјоделци не можат да најдат купувач ниту за 130 евра. Во обид да се пронајде решение, украинските власти договорија извоз на пченица преку три пристаништа на Дунав, како и копнен транспорт преку 12 гранични премини, но камионите со денови чекаат на граница. И ако цената на откуп годинава е преполовена, цената на транспортот е зголемена за три пати, од 40 евра по тон, на 160 евра.

Нашата украинска пченица не може да стигне до меѓународниот пазар, бидејќи пристаништата не работат. Поморската рута беше најважната. Поради тоа, побарувачката за пченица опадна. Некои нови логистички рути преку Европа се развиваат во моментов, но Европа не може да се справи со количините пченица кои ние ги произведуваме, вели земјоделецот Олександар Чубук, кој самиот очекува принос од најмалку 500 тони пченица.

Дополнителен проблем е и складирањето. Украина има капацитет да складира 67 милиони тони, но значителен дел од нив се на територија под руска контрола. Приватните складишта можат да примат најмногу 25 милиони тони, но дел од нив, исто така се под руска контрола.

Сите мали, приватни млинови околу Киев се полни со пченица. Местата каде што се складира пченица во ова време треба да бидат празни, бидејќи за најмногу две недели започнува новата жетва, вели чубук.

Притисок за итно решавање на прашањето за извозот создава и престојната жетва на пченката и сончогледот на крајот на септември, до кога украинските складишта мораат да бидат испразнети. Во обид да помогне, Организацијата за храна и земјоделство на ООН понуди 17 милиони евра вреден проект за зголемување на складишните капацитети.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЦУК: Сува трева и грмушки горат кај Пробиштип, Куманово и Петровец

Дејан Дејан

Песков: Не е можно замрзнување на конфликтот во Украина

Дејан Дејан

Притвор од 72 часа за македонската државјанка која прегази куче во Црна Гора

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе