Лидерите на НАТО пристигнуваат во конференцискиот центар во Мадрид на третиот и последен ден од нивниот годишен состанок, објави Асошиетед прес.
На последниот ден од разговорите, 30-члената алијанса се очекува да одржи работна средба за безбедносни прашања на нејзиното јужно крило – во нестабилните области на Северна Африка и Блискиот Исток.
Вчера земјите од НАТО ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, која се обидува да се спротивстави на руската инвазија. Тие, исто така, објавија нов стратешки концепт во кој се наведени водечките безбедносни предизвици во следната деценија. Русија е идентификувана како водечка закана и Кина е додадена за прв пат.
НАТО, исто така, соопшти дека ќе ги зголеми своите сили за брза реакција на повеќе од 300.000 војници во Источна Европа, подготвени да одговорат на секој руски напад на сојузничката територија.
Покрај тоа, Шведска и Финска добија кандидатски статус за НАТО откако Анкара ги повлече своите приговори.
