Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли изјави дека е недозволиво учеството на претставничката на министерството на чело со неа, Јасмин Хајнбекер, на прославата по повод Денот на Русија, организирана во руската амбасада во Канада, пренесе Ројтерс.
Хајнбекер, заменик-шефот на протоколот во канадското Министерство за надворешни работи, присуствуваше на настанот во петокот заедно со претставници од Египет, Пакистан и некои африкански земји, објавија Глоуб и Меил.
„Ниту еден канадски претставник не требаше да присуствува на овој настан, чиј домаќин беше руската амбасада, а канадски претставник никогаш повеќе нема да присуствува на таков настан“, напиша Џоли на Твитер.
Министерката исто така нагласи дека Канада ја поддржува Украина во конфликтот со Русија.
Од почетокот на конфликтот на 24 февруари, Канада воведе санкции за повеќе од илјада физички и правни лица поврзани со Русија, Украина и Белорусија, забележува Ројтерс.
