Борис Џонсон ја доби поддршката од 211 од 359 ториевци на тајно гласање, повеќе од простото мнозинство потребно за да остане на власт, но сепак значителен број пратеници 148 гласаа против, што ја исфрли на површина длабоката поделеност на Конзервативната партија. По изгласаната доверба, британскиот премиер денеска отфрли секаква помисла за оставка.
Не сум заинтересиран за предвремени избори имаме фантастичен мадат, рече 57-годишниот лидер на конзервативците Борис Џонсон, кој синоќа ја доби довербата од сопартијците во британскиот парламент. Од 359 конзервативни пратеници кои гласаа, 211 беа за поранешниот градоначалник на Лондон, а 148 беа за негова смена. Фоторепортерите утринава го уловија како ја напушта Даунинг стрит, преку задниот влез, откако 41 отсто од неговата партија гласале за негово соборување. Облечен во секојдневна облека британскиот премиер замина на прошетка со неговото куче. На агендата му претстои средба со неговиот кабинет, а веќе во четврток од него се очекува голем говор, фокусиран на економијата и домувањето.
Две и пол години по триумфалната изборна победа Џонсон сè повеќе е мета на критики, но уште еднаш ја покажа својата способност да се извлече од најпогубните ситуации. Но, тој сè уште не закрепнал од аферата наречена „партигејт“, забава организирана во Даунинг стрит за време на карантинот поради ковид пандемијата. По добиената доверба денеска отфрли секаква помисла за оставка.
Лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија го нарече исходот од гласањето „гротескен“, кој доаѓа толку брзо по платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора.
- За време на викендот, целата земја го прослави платинестиот јубилеј на кралицата. Тоа беше почит на 70 години понизност, пристојност и почит. Потсетник за нашата заедничка кауза да изградиме подобра земја за нас, за нашите деца и нашите внуци. Гротескно е тоа што веќе следниот ден Конзервативната партија избра да го фрли тоа чувство на должност и тие вечни вредности, Кир Стармер, лидер на Лабуристичката партија .
Наглиот пад на популарноста на Борис Џонсон веќе им нанесе голема штета на конзервативците на локалните избори на почетокот на мај. По оваа победа, второто гласање за доверба е можно после една година. Во услови на нестабилност поради војната во Украина и највисока инфлација во последните 40 години, конзервативците одбегнаа распишување внатрепартиски избори за да се избере нов претседател за премиер. Дека постои отсуство на наследници, покажа и анкетата објавена од YouGov, според која 60 отсто од Британците би сакале конзервативците да го сменат нивниот лидер, но тоа би го сакале само 32 отсто од гласачите на конзервативната партија.
Билјана Ставрова
