Прв пат по повлекувањето на дипломатскиот персонал од абасадата во Киев, и руската инвазија на земјата на 24 февруари, Украина ја посетија високи американски претставници. САД се несомнено најголемиот воен и финансиски подржувач на Украина, донирајќи неверојатни 3,4 милијарди долари, според зборовите на Зеленски, но денешната посета на државниот секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин, и чија симболика требаше да биде прослава на украинските борбени способности и пресвртот на бојните полиња, беше засенета од една несмасна, или пак премногу искрена изјава на Остин за американските геостратешки желби.
Сакаме да ја видиме Русија ослабена до тој степен да не може повеќе да прави вакви работи, како инвазијата на Украина. Значи, веќе изгубија голем дел од воената способност и многу, многу војници, искрено, изјави Остин по враќањето во Полска.
Дали САД посакуваат војната во Украина да се одолговлечи и претвори во нов советски Авганистан, кога 10 годишната советска интевенција во земјата се претвори во значителен финансиски товар и придонесе за распадот на Советскиот Сојуз, или Лојд едноставно зборуваше за посакуваниот ефект врз руската воена индустрија, на санкциите кои западните земји ги воведоа против Москва. Без разлика на намерите на Остин, една работа е сигурна, на најголемиот дел од западните сојузници нема да им се допаднат овие негови ставови, или пак искреноста.
Додека западните дипломати еден по друг слетуваат во Киев, во остатокот од Украина војната продолжува да беснее. Државните железници обвинија дека Русија извршила воздушни напади врз најмалку 5 железнички станици во централна и западна Украина. Нападите биле извршени само неколку часа откако двајцата американски претставници со воз ја напуштија Украина, и се толкуваат како уште едно предупредување од Москва западот да престане да ја снабдува земјата со оружје. Сепак, Русија тврди дека се бомбардираат само воени капацитети на украинската армија.
Во текот на ноќта со високо прецизни ракети беа погодени 6 украински воени објекти, вклучувајќи 3 утврдени пункотви и места на концентрација на војска и воена техника, исто како и 3 складишта за муниција во реоните на Барвинкова и Нова Дмитриевска во областа на Харков, изјави портпаролот на руското министерство за одбрана Игор Конашенков.
По непрекинато бомбардирање во текот на викендот, Москва денеска предлози примирје во Мариупол, за спроведување евакуација на цивилите кои заедно со украинските војници се засолнуваат во челичарата Азовстал. Сите досегашни обиди за масовна евакуација од Мариупол пропаднаа, а двете страни меѓусебно се обвинуваа за непочитување на зелените коридори.
Иако минатата недела рускиот претседател Путин ѝ порача на армија да ја блокира челичарата наместо да се обиде на сила да ја освои, украинските бранители тврдат дека вчера Русите повторно се обиделе да се пробијат во комплексот. Претходно Зеленски, судбината на бранителите на Мариупол ја поврза со преговорите со Москва, тврдејќи дека тие ќе бидат прекинати ако војниците во Азовстал бидат убиени.
Игор Трајков
