Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, соопшти обвинителството.
При претрес во домот на осомничениот на 8 април, во стан на улицата „Димитар Илиевски-Мурато“ во Битола, полицијата пронашла 24,77 грама марихуана, во стаклена тегла скриена во бебешка количка. Осомничениот дрогата ја препродавал на наркозависници од Битола, за што е обезбеден доказ и во форма на вербални искази на сведоци, кои во периодот од 06.12.2021 до 08.04.2022 година набавувале марихуана и амфетамини од осомничениот.
Поради опасност од бегство на осомничениот, можност за влијание врз сведоците и повторување на делото, јавниот обвинител пред надлежниот суд поднел предлог за определување мерка притвор.
Од МВР во саботата известија дека дилерот е фатен, но без детали за количката:
-На 08.04.2022,полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода И.Л.(39) од Битола. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена пријава по член 215 од Кривичниот законик, наведе МВР во дневниот билтен.
