Системска дискриминација кон ромската етничка заедница во образованието, пристапот до јавните добра и услуги воочила Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Државата мора да најде начин да обезбеди пристап до чиста вода, доколку се има предвид пандемијата со Ковид 19 и зголемениот ризик на смртност кај населението кое има пократок животен век во споредба со останатото население, вели Камбери.
„Кога утврдувавме општината и комуналното претпријатие се правдааат дека не им обезбедуваат вода за пиење поради немање на имотни документи, или нелегализиран имот во дадената населба. Од тука ставот на Комисијата е дека водата е универзално човеково право. Имаме неколку случаи на отворена дискриминација во однос на пристап до јавен превоз, на пример во автобуси, имаме утврдено дискриминација за пристап до кафе барови и токму за тој случај следната недела имаме судска постапка во Основен суд за прекршоци“ – вели Исмаил Камбери, заменик претседател на комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Комисијата по службена должност и по допрен глас ја отвори постапка за сегрегација во училиштата ширум земјата во однос на ромските ученици.
„Комисијата утврди дека во државата постојат чисто ромски етнички паралелки во училиштата, а тоа произлегува од Законот за реонизација. Значи родителите на неромските ученици ги отпишуваат своите деца кога гледаат дека во класовите каде се запишани нивните деца учат поголем број ромски ученици. И од тука преку Членот за реонизација кој е дел од Законот за основно образование го користат да го запишат своето дете надвор од реонот каде што живее“ – додава Камбери.
Според Хелсиншкиот комитет за човекови права расното профилирање на Ромите и понатаму останува клучниот фактор кој го спречува еднаквиот пристап до добра и услуги, предизвикува случаи на полициска бруталност и го цементира нивниот маргинализиран статус во општеството.
Нина Стефанова
