И покрај тоа што не сакаат да го коментираат штрајкот за 11 април кој го најави СОНК, Сојузот на средношколци потсетува дека Уставот го гарантира правото на образование и апелираат на солидарност во образовниот процес.
„Тука има две прашања. Едното е Уставот го гарантира правото на образование, дали преку штрајкот тоа ќе биде ускратено и како знае државата мора да го обезбеди за сите средношколци и учениците воопшто. Второто прашање е: кога учениците бојкотираат и штрајкуваат некој им пишува неоправдани. Кој ќе им пишува сега неоправдани на наставниците ако истото го направат ? Сметам дека сите учесници во образовниот процес ученици, наставници и родители мора да работат на градење на солидарност меѓу овие три групи“ – изјави претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ.
Ја очекувам поддршката на учениците, но не и осудата, реагира првиот човек на СОНК. Тоа што во моментов го правиме е за поголема мотивираност на наставниот кадар и поквалитетна настава. Доколку има штрајк истиот нема да има реперкусии по полагањето матура, додава Неделков.
„Наставниците ќе го надокнадат сето она што ќе биде изгубено во текот на штрајкот, така што од тој аспект учениците нека не се грижат и ќе се стекнат со знаењата со кои треба да се стекнат. Што се однесува до неоправдани часови, тука за жал нас учениците не можат да ни стават неоправдани часови, сепак за наставниците некој друг е одговорен и во тој дел да не се грижат, најдобро ќе биде и за наставниците. Планирано е матурата да отпочне со практичниот дел во месец април, се разбира дека може да се поместат датумите и да се направат нови планови како ќе се полагаат матурските испити“ – вели Претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Сојузот на средношколци подготви закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование со кој ќе се воведе праведен превоз за сите средношколци на територија на целата држава..
Со овој предлог сите средношколци ќе имаат право на бесплатен автобуски и железнички превоз во сите региони во текот на целата календарска година.
Нина Стефанова
