Вести Свет Топ вести

Украинската армија во контраофанзива, почеток на крајот или прегрупирање на руската армија?

Украинските сили извршиле успешна контраофанзива на неколку стратешки точки долж фронтот со руската армија. Украинците тврдат дека ја вратиле контролата врз градот Макарив и ги истиснале руските сили од Ирпин, западно од Киев, успешно спречувајќи ги руските обиди да се опколи украинската престолнина. На југот од земјата, кај Вознесенск, северно од Миколаив, украински војници помогнати од доброволци од цивилното население, фатиле во заседа и уништиле руски оклопен конвој, а украинските власти тврдат и дека армијата напредува кон Херсон, кој падна под контрола на Русија во првите денови на инвазијата.

„Вооружените сили денеска донесоа добри вести. Окупаторите повторно беа прегазени кај Чорнобиавка. Руски авиони повторно беа срушени. Особено важно е дека бомбардер беше срушен во Мариупол. Сите кои ги убиваат нашите мирни луѓе на нашата мирна земја, ќе ги снајде истата судбина.“ – изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Но западните воени стратези предупредуваат дека постои голема веројатност пасивноста на руската армија да е резултат на прегрупирање, бидејќи движењето на нејзините копнени сили сугерира дека се подготвуваат за опколување на украинските единици долж фронтот во Донбас и зајакнување на руските позиции околу Харков. Недостатокот на воен напредок преку копнените операции Русите го надоместуваат преку воздушни напади.

„Оперативно тактичката и воената авијација, како и ракетните единици, за еден ден погодија 97 објекти од воената инфраструктура на Украина.“ – рече портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.

Повеќе западни разузнавачки агенции тврдат дека ужасно лошата логистика на руската армија доведе до недостаток на храна, гориво и муниција на истурените единици и тоа е главната причина за брзото губење на моментумот. Тоа е можеби главната причина за жестоката офанзива врз Мариупол, каде речиси 80 проценти од градот е разрушен, но пристаништето останува релативно поштедено.

Помеѓу двете завојувани армии во Мариупол има заглавено 100.000 цивили, и нивната евакуација е практично невозможна.

„Во овој момент, во градот околу 100.000 луѓе живеат во нехумани услови, под комплетна опсада, без храна, вода и лекови, под постојано гранатирање и бомбардирање. Веќе неколку недели се обидуваме да организираме стабилни хуманитарни коридори за жителите на Мариупол и речиси сите наши напори се, за жал, попреченувани од гранатирања или терор од руските окупатори.“ – рече Зеленски.

Во текот на вчерашниот ден од градот успеале да се евакуираат нешто повеќе од 7.000 лица. За разлика од Мариупол, евакуацијата од другите боишта се одвива подобро и денеска биле договорени 9 нови хуманитарни коридори, објави заменик премиерката на Украина Ирина Верешчук.

Според податоците на ООН во соседните земји има повеќе од 3,6 милиони украински белгаци а внатрешно раселените поради војната надминуваат 10 милиони.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Чикаго, Детроит, Вашингтон и Њујорк под чад кој се шири од пожарите во Канада

Sasko Dimovski

Англија ќе воведе забрана за продажба на енергетски пијалаци на лица под 16 години од април во 2027 година

Sasko Dimovski

ЕУ назначи Словенец за „помирување и нормализација“ на Западен Балкан

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе