Не е тајна дека руските сили се очајни да го освојат Мариупол, стратешки важно пристаниште кое е гранатирано со недели.
Во изјава за РИА Новости, рускиот функционер објасни зошто Мариупол е толку важен за плановите на Русија.
Имено, Русите сакаат да го поврзат полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, со југоисточниот регион Донбас, кој ги опфаќа проруските сепаратистички самопрогласени републики Доњецк и Луганск. Но, за да го направат тоа, прво мора да го освојат Мариупол.
Важен транспортен коридор
Кирил Степанов е советник на руската јужна федерална област, која го опфаќа Крим. Тој утринава за РИА Новости изјави дека „преземањето контрола на автопатот од Крим до Мариупол сигурно ќе го поврзе полуостровот со транспортниот коридор Донбас“.
Тој додаде дека коридорот ќе создаде „транзитна територија“ што ќе ги поврзе кавкаскиот регион, пристаништата на северниот брег на Црното Море и индустриските центри во Доњецк и Луганск, кои се под контрола на проруските сепаратисти.
Руските сили со недели го гранатираат и бомбардираат Мариупол. Оштетени се повеќе од 80 отсто од станбените згради во тој град. Украина го отфрли ултиматумот на Русија, која бараше предавање на градот. Мариупол е последниот голем град во тој дел од земјата што е под контрола на Украина.
