Руски трупи кои ја окупираа нуклеарната централа во Чернобил ограбиле и уништиле лабораторија на локацијата, соопштија украинските власти.
Надлежната државна агенција соопшти дека Русите ја оштетиле централната аналитичка лабораторија – која преработувала многу радиоактивен отпад.
Државната агенција на Фејсбук објави дека лабораторијата имала високо активни примероци и примероци од радионуклиди, кои денеска се во рацете на непријателот.
Лабораторијата, чија изградба чинеше околу шест милиони евра, содржеше и вредна аналитичка опрема што не беше достапна на друго место во Европа, соопшти агенцијата.
Загриженост за Чернобил
Чернобил – местото на најтешката нуклеарна несреќа во светот во 1986 година – не е функционална електрана, но сепак бара постојано управување.
Русите го зазедоа во првите неколку дена од војната минатиот месец и ги задржаа вработените таму со недели.
Поранешната нуклеарна локација останува предмет на голема загриженост, а претходно оваа недела украинскиот парламент објави дека во близина на електраната избувнале шумски пожари, кои биле снимени на сателитски снимки.
