Вести Македонија Топ вести

Профил на нарко-бос од Грчец, „проби“ полициска акција, избега, па го фатија – но си призна вина, доби затвор помалку од законскиот минимум и куќен притвор па го најдоа покрај ограбена банка

Домашен притвор како алиби за вооружен грабеж на банка?

Полицијата засега не соопштува дали е завршена истрагата и дали е потврдено дека двајцата уапсени (нарко-бос во куќен притвор и полицаец од Сарај) се учесници во вооружениот напад и грабеж на експозитурата на Уни банка во трговскиот центар Беверли Хилс. Од МВР официјално велат дека истрагата за грабежот е во тек.

Еден од уапсените вчера во близина на местото на грабежот е припадник на ткнр. Грчец клан кому му било определена мерка куќен притвор за трговија со дрога.

Станува збор за 32-годишен жител на општина Грчец, со иницијали  С.Б.. На потерницата која при неговото бегство пред акцијата „Планина“ МВР ги објави и неговите податоци и фотографијата.

Акцијата „Планина“ беше изведена лани во март, но 6-мина осомничени како лидери на нарко-групата избегаа поради што обвинителката Вилма Русковска рече дека акцијата била пробиена од некого.

Меѓу избеганите беше и Бајрами, но во септември беше фатен и уапсен во Ѓорче Петров среде бел ден од припадници на интервентната полиција. Седум месеци подоцна, истиот Бајрами е фатен во близина на трговскиот центар Беверли Хилс во Скопје веднаш по извршениот грабеж на банка. Првично беше соопштено дека е во домашен притвор.

Но во изминатите седум месеци, нешто повеќе од три месеци, Седат Бајрами признал вина ни потврдија од скопскиот кривичен суд. Тогаш наместо притвор во Шутка, судот му определил мерка домашен притвор, на таа мерка се согласило и обвинителството, а скопска Апелација ја потврдила одлуката за домашен притвор за бегалец кој бил на меѓународна потерница.

-Лицето за кое се интересирате е обвинет и првостепено осуден за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори по чл. 215 ст.3 в.в. ст.1 во предметот со КОК бр. 146/21 за кој на 24.12.2021 година е донесена пресуда Врз основа на признание на вина со која обвинетиот е осуден на казна затвор во траење од 4 години.  Воедно, донесено е решение со кое мерката притвор која опстојувала до тој момент е заменета со мерка куќен притвор до правосилност на пресудата, за кој притвор, согласно решението, надзорот го спроведува МВР Полициска станица Сарај. Дополнително, решението за определување мерка куќен притвор е потврдено од Апелациониот суд Скопје и е правосилно., ни одговорија од скопскиот кривичен суд.

А во конкретниот член, за делото за кое е осуден бегалецот кој успеал да ја пробие полициската акција Планина стои поголема казна отколку што пресудил скопскиот кривичен суд, односно советот предводен од судијата Огнен Ставрев.

-Ако делото од став 1 го извршиле повеќе лица или сторителот на ова дело организирал мрежа на препродавачи или посредници, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години., пишува во кривичниот Законик за членот по кој обвинетиот е осуден на казна пониска од минимално предвидените 5 години затвор.

Покрај помалата казна, обвинетиот од Грчец веднаш уште пред Нова година келијата си ја заменил со домот во Грчец, во куќен притвор кој требало да биде контролиран од полицајците од станицата во Сарај. Полицаец кој работел во станицата во Сарај имало до обвинетиот во моментите на апсење вчера. Но не го контролирал во домашен притвор затоа што таа мерка требало да се издржува на 15-тина километри од местото на грабежот во чија близина е најдена полициско-дилерската двојка.

За полицаецот е почната постапка во внатрешната контрола на МВР за да се утврди што барал со осуден криминалец за трговија со наркотици во близина на место на грабеж на банка.

Судот пак кој го пушти во домашен притвор да ја одлежува до правосилност подминималната затворска казна за трговија со дрога, денеска откако беше утврдено непочитување на мерката ја смени со затворски притвор.

-Во случај осуденото лице да не се придржува до забраната за напуштање на домот, наведени во решението, а по добиено известување од МВР за истото, како во конкретниот случај, Кривичниот совет по службена должност донесе решение со кое мерката куќен притвор е заменета со мерка притвор и истото се доставува до надлежното МВР за понатамошен спровод, ни одговорија од скопскиот кривичен суд.

Грабежот на банката беше пријавен вчера во 12:35 часот, а тројца разбојници употребувале оружје за да се заканат на вработените и да ги земат парите од експозитурата на Унибанка. Разбојниците биле маскирани, а кога почнале да бегаат ги следел припадник на обезбедување поради што еден од маскираните испукал куршум кон него. Најдена е чаурата, а во брзата полициска акција и блокада- уапсени се двајца (дилерот од Грчец и полицаецот од Сарај) за кои се уште траат истражни дејствија за учество во вооруженото разбојништво во Скопје.

Се продаваат скривници на интернет

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бегалците од кондовската група упасени во Урошевац имаат и косовски пасоши?

Дејан Дејан

Ахмети: Дадовме заклетва дека оваа земја има свое место во ЕУ

Дејан Дејан

Од утре стартува гласањето за двојните избори, ќе гласаат болните, немоќните и затворениците

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе