Медицинарите не сакаат да излезат на улица за да штрајкуваат, но гневни се што јавното здравство ја губи силата под притисокот на приватното.
Ова го порачаа матичните лекари кои денес повторно тивко протестираат како и пред две недели. Седат во ординациите со бел мантил на себе, но достапни само за итните пациенти.
Кај доктор Станоевска денес само една пациентка затропала на врата за преглед, заради висока телесна температура.
На телефоните не ѕвонат луѓе да бараат термини за тестирање и други работи и докторката вели дека тоа е поддршка за фелата, од своите пациенти.
„Во овие две години и на нашите пациенти им е преку глава затоа што не можевме да најдеме термини и тие мораа приватно да ги плаќаат здравствените услуги. Целта не е да го слабееме јавното здравство, а на сметка на тоа приватното здравство да цвета во државата. Имаме и категорија на население коешто не може да го плати приватното здравство“ изјави д-р. Анкица Станоевска, специјалист по семејна медицина.
Од Здружението на матични лекари се решија да протестираат повторно, затоа што од досегашните преговори со Министерството за здравство, велат, немало резултат.
Претходниот протест траеше неколку часа, а потоа здравствените власти на лекарите им испорачаа листа со ветувања.
Од Здравство и денес уверуваат дека имаат слух за поголемиот дел од барањата. Работните групи кои ќе ги водат преговорите – веќе се формирани.
„Голем дел од барањата на матичните лекари и на приватните стоматолози навистина се издржани и ги уверувам колегите дека на најголем дел од барањата навистина ќе изнајдеме заедничко решение“ уверува д-р. Владимир Рендевски, заменик-министер за здравство.
Барања на матичните лекари датираат од поодамна и им беа предочени на повеќе министри во минатото.
„Бараме пациентите да бидат во име на приватните здравствени установи за да не се затвораат матичните амбуланти и да се обезбеди континуитет на здравствена заштита. 90% од матичните доктори се доктори пред пензија. А, ако докторот отиде во пензија, тогаш сите негови вработени остануваат без работа. Друго барање е да се покачи капитациониот бод. Со години се бара истиот да биде покачен. Се доведовме во ситуација да не можеме да си ги платиме сметките за струја, а тие на сето тоа наметнуваат и други давачки коишто апсолутно се непотребни“ изјави д-р. Анкица Станоевска, специјалист по семејна медицина.
За капитациониот бод, докторите бараат покачување барем на 75 денари од ветените 95.
Се борат и за укинување на казните за пропишување лекови по истечен извештај од специјалист, а на списокот додадоа и да не се бара акредитација на амбулантите бидејќи веќе биле акредитирани од ДСЗИ, од Министерство, од Лекарска комора и од Фондот.
Петар Догов
