Со нова енергија и со нова методологија, но со решение на спорот кое е се уште далеку. Вака претседателот на државата Стево Пендаровски ја оцени новата фаза од односите меѓу Скопје и Софија, за што рече дека е со нова реторика и енергија, но оти процесот е само на почеток.
„Имаме и нова методологија во преговорите на работните групи, односно комисии, наместо претходните лисабонски предлози. Меѓутоа морам кристално јасно да кажам, станува збор за почеток. Станува збор само за иницијална фаза во која двете страни искажуваат добри желби како би сакале тој процес понатаму да се одвива. Значи ние сме далеку од подлабоко навлегување во процесот и се уште далеку од, евентуално, позитивно завршување на тој процес“, рече Пендаровски.
Пендаровски како свој придонес кон новиот позитивниот импулс меѓу двете земји најави дека за не повеќе од еден месец ќе ја посети Бугарија.
Пендаровски кој денеска се обрати на тркалезна маса организирана од Советот на амбасадори, во контекст на евроинтеграциите на земјава рече дека долгото чекање пред вратата на Унијата се повеќе ја намалува поддршката кај граѓаните за тоа. Имиџот на Унијата во Македонија и во регионот е многу разнишан, вели Пендаровски, но со став дека тоа може да се поправи со брза имплементација на економскиот план за обнова не регионот од страна на Унијата.
Во делот на економскотот јакнење на регионот, ви-за-ви Унијата, Пендаровски смета дека економската не смее да се оддели од политичката интеграција во Европската унија.
„Значи не е доволно само да биде дел од заедничкиот европски пазар. Ако овие процеси одат одвоено, како што има заложби, се надевам добронамерни, можно е да имаме извесен економски раст, меѓутоа да бидеме управувани од автократи“, предупреди Пендаровски.
Пендаровски во делот на поддршката за влез на регионот и на земјава во ЕУ вели дека добра вест е тоа што двата мотора на Унијата, Германија и Франција не се откажуваат, туки и ги засилуваат заложбите за интеграција на Западниот Балкан.
Евроамбасадор Дејвид Гир пак на дебатата со порака дека стартот на преговорите и со Северна Македонија и со Албанија останува врвен приоритет за ЕУ.
„Фокусот сега е на постигнување договор меѓу земјите членки околу драфтот на преговарачката рамка, додека истовремено Софија и Скопје се ангажирани во постигнување договор за билатералните прашања“, рече Дејвид Гир амбасадор на ЕУ во Македонија.
Тој ги охрабри двете земји да го задржат курсот за да постигнат взаемно прифатливо решени и отворање на преговорите со Унијата. Сепак Гир нагласи дека нема магична топка за да знае што ќе се случува претстојната година, но изрази уверување дека без разлика на се ЕУ ќе остане покрај Македонија.
Тамара Грнчароска
