Новиот премиер Димитар Ковачевски ја презеде премиерската функција од Зоран Заев. Уште првиот работен ден агендата набиена. Прв странски државник со кој се сретна Ковачевски е германската министерка за Европа Ана Лирман, која е во посета на Македонија.
На средбата се разговарало за забрзување на евроинтегративниот процес за нашата земја. Фокусот на разговорите е врз билатералните односи меѓу Македонија и Германија, економските и политичките прашања и европската перспектива. Премиерот Ковачевски и министерката Лирман се согласија дека целосната интеграција на Западен Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратешка инвестиција за стабилна и просперитетна Европа.
Денеска новата Влада ќе ја има и првата седница, на која се очекува веднаш ќе се отпочне со носење на решенијата за енергетската криза, и да се донесе одлука за зголемување на пензиите. Ковачевски рече дека силно ќе се заложи да го оствари очекувањата на граѓаните, да ја заживее економијата и да го подобри нивниот стандард, но и да му помогне на бизнисот. Додаде дека Владата има легитимитет до 2024 година. Новата влада има 21 министер. И покрај заложбите за поголема родова еднаквост, со министерските позиции ќе раководат 17 мажи и само 4 жени. Бројот на жени во владиниот тим е ист како и во претходната Влада, иако новиот состав ќе брои едно министерство повеќе. За новата влада гласаа 62 пратеници. Пратеникот на ДУИ, Изет Меџити изјави дека не ја поддржува оваа Влада. Тој не беше присутен на гласањето. Не беше присутна ниту Лолита Ристова од СДСМ, поради здравствени причини.
