Обилните дождови кои го зафатија Пијанечкиот регион, повторно го наполнија коритото на река Брегалница во централното градско подрачје, предизвикувајки поплави во Очипалско поле, дел од населбата Студена чешма каде се поплавени неколку штали и викендици. Еден од затекнатите граѓани кој утрово го следеше нивото на реката, информираше дека водата во големи бранови почнала да надоаѓа утрото во 3 часот.
-Водата надојде околу 3 часот, тогаш беше за 1 метар повисока од сега. За штети од она што можев да видам има во долните делови на реката, вели граѓанин на Делчево.
Друг постар жител на градот додава дека ова е втор пат откако памети дека е вакво нивото. Може ќе намали, вели, но стравува дека би можело и да се зголеми поради најавите од снег.
Надојдената вода ја поплави пешачката патека, а на 20 метри од неа се и првите куќи.
Под вода е и дел од месноста Црквенска Река, како и одредени места низводно од Брегалница. За поплави од надојдените води јавуваат и жители на селото Разловци, кои информираа дека дел од патниот правец кој води кон селото синоќа бил целосно под вода, додека од утрово состојбата се стабилизирала.
Поплави од синоќа до утрово се забележани и на повеќе места во беровско, каде меѓу поголемите проблеми кои ги создадоа обилните врнежи се паднати столбови и лошата состојба на патот Берово – Смојмирово и Мачево – Владимирово.
