Вести Локални избори 2021 Македонија

По судската ферија, во петок продолжува судењето на Стевче Јакимовски сега како градоначалник на Карпош

Се врати како градоначалник на Карпош, но се враќа и на обвинителна клупа каде стигна поради сомнежи за злоупотреба во претходните мандати.

Од скопскиот кривичен суд ни одговорија дека за предметот со обвинетиот градоначалник на Карпош, наредното рочиште е закажано за 05-ти ноември во 10 часот.

Последното рочиште било закажано пред изборите во последната недела пред првиот круг од изборите, но по барање на кандидатот Стевче Јакимовски, рочиштето било одложено и закажано постизборно во ноември.

Всушност, предизборното рочиште било прво откако судењето тргнало од почеток. Претходниот судечки судија Горан Бошевски беша разрешен по што процесот се врати на почеток. Во првиот обид за судење на Јакимовски биле дадени воведни говори и е стигнато до доказна постапка. Но, разрешувањето на судијата го враќа целиот процес на почеток и сега предметот е пред судечки совет воден од судијата Осман Шабани.

Јакимовски за две години успеа да направи круг од цели 360 степени, на 31-ви октомври 2019.-та беше обвинет за злоупотреби во вршењето на функцијата, а на истиот ден но после две години триумфираше во скопски Карпош.

Јакимовски беше обвинет заедно со уште десетмина, но поголем дел од нив признаа вина и добија условни казни од една година затвор доколку во наредните две години сторат ново кривично дело.

Јакимовски меѓу другото е обвинет и за новата административна општинска зграда која без одобрение е изградена, а отпосле е барана легализација на објектот иако објектот е граден после крајниот рок на градба од 2011-та година.

-Првообвинетиот како градоначалник, во име и за сметка на правното лице – општината, во својство на инвеститор спротивно на чл.56 и 57 ст.2 и чл.63 од Законот за градење, без Одобрение за градење, изградил деловен административен објект на локалната самоуправа со што сторил кривично дело Бесправно градење. За објектот во 2016 година поднел Барање за утврдување на правен статус на бесправни објекти од локално значење, стои во обвинителниот акт објавен точно две години пред новата победа на Јакимовски во истата општина.

Кога првично беше донесен законот за легализација, со кој дополнително се продолжува рокот за легализирање на дивоградби иако веќе таквите активности станаа кривично дело, се толкуваше дека законот ќе го декриминализира Јакимовски бидејќи меѓу другото беше обвинет и за дело бесправно градење.

Законот не беше потпишан од претседателот Пендаровски и не стапи во сила, во тек е процедура за носење на уште едно слично законско решение.

Јакимовски според обвинението како градоначалник ја злоупотребил својата положба и при легализација на други бесправно изградени објекти , како и при продажба на државно земјиште во рамките на општина Карпош за пониска цена од пазарната. Обвинителството тврдеше дека со тие кривични дела, во кои првообвинет е Јакимовски, направена е штета на буџетот на општина Карпош од над 14,6 милиони денари (околу 238 илјади евра) и штета на државниот буџет во висина од над 31 милиони денари (околу половина милион евра).

Но, Јакимовски имаше своја верзија односно ја обвини власта дека преку обвинението му се одмаздува политички и дека одлуките за кои е обвинет не се кривични дела, туку го подобриле условите за граѓаните. Меѓу проектите за кои е гонет е и паркот-игралиште спроти студентскиот дом Гоце Делчев.

Јакимовски успеа да биде побрз од правдата и на избори повторно да победи и да се врати на чело на општината каде со две различни партии го освојува градоначалничкото место. Во првиот круг се бореше за второ место, во вториот триумфираше со илјадници гласови разлика.

Јакимовски се враќа во истата општина, која според обвинителството е „место на злосторот“, но жителите на Карпош веќе му пресудија дека „не е виновен“ што тој го прослави во себе својствен стил, со алегоричен филмски сонг на тема претседател, но и со пеење на стихови со кои старо-новиот градоначaлник понуди полови органи за политичките ривали.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Георгиев: СДСМ треба да се остави да го изоди својот пат

Дејан Дејан

Тодоров: СДСМ за цело време на мандатот губеше политички поени заради ДУИ

Дејан Дејан

Зеленски го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе