Темпото на економско закрепнување ќе зависи од тоа колку брзо ќе се справиме со ковид пандемијата, ова една од пораките на Самитот во Рим на лидерите на економски најразвиени земји. Прв приоритет треба да биде брзата, правична и глобална дистрибуција на вакцините. Покрај Ковид пандемијата на врвот на агендата на Г-20 е и глобалното затоплување.
Климатските промени и Ковид пандемијата се на врвот на агендата на лидерите на најголемите светски економии кои годинава самитот го одржуваат во Италија. Ова е прв самит на лидерите на Г-20 што се одржува со физичко присуство од почетокот на пандемијата. Сепак кинескиот и рускиот претседател Си Џинпинг и Владимир Путин ќе се појават преку видео врска.
Италијанскиот премиер, Марио Драги, на лидерите им порача дека мора да се направи се што е можно за да се надминат разликите, бидејќи успешните кампањи за вакцинација и координираната акција од владите, како и централните банки ќе и овозможат на глобалната економија да закрепне.
Мораме да бидеме свесни за предизвиците со кои се соочуваме заеднички. Пандемијата не е завршена и има зачудувачки разлики во глобалната дистрибуција на вакцини. Во земјите со високи приходи, повеќе од 70% од населението примило најмалку една доза. Кај најсиромашните, овој процент паѓа на околу 3%. Овие разлики се морално неприфатливи и го поткопуваат глобалното закрепнување, Марио Драги, премиер на Италија.
На самитот на Г20, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг повикаа на забрзување на меѓусебното одобрување на вакцините против Ковид-19. Путин во своето видео обраќање рече дека Светската здравствена организација мора да биде побрза во одобрувањето на вакцините.
Европската агенција за лекови на почетокот на овој месец објави дека нема да ја одобри руската вакцина Спутник V оваа година, бидејќи нема доволно податоци за тоа. Иако има одобрение од СЗО за кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“ тие не се признати насекаде.
-Предлагаме да ги задолжиме министерствата за здравство на државите Г-20 брзо да работат на взаемно признавање на сертификатите за вакцини. Експертите велат дека коронавирусот ќе претставува закана долго време, мислам дека претставниците на СЗО ќе зборуваат повеќе за ова, но имајќи предвид дека вирусот ќе продолжи да мутира, треба да развиеме механизми за системско и брзо обновување на вакцините, рече Путин.
Станокот се одржува во време кога се сè пострашни предупредувања за иднината доколку не се преземат итни мерки за намалување на емисиите од гас. Групата – составена од 19 земји и Европската унија – се проценува дека произведува 80% од емисиите во светот.
На прошетката по Колосеумот во Рим, британскиот премиер Џонсон, призна дека ситу овој Самит, ниту претстајниот во Глазгов, кој почнува во понеделник, нема да го запрат глобалното затоплување, но потребен е ангажма од сите земји по што може да се надеваме дека барем процесот може да се успори.
Ајде да видиме до каде ќе стигнеме. И притисокот е огромен, но она што луѓето треба да го направат е да ја увидат скалата на ризикот. Знаете, вие зборувате за местото каде што се наоѓаме… и мислам дека сте сосема во право. Ова очигледно нè потсетува на она што се случува кога цивилизациите погрешно ќе пресметаат- Борис Џонсон, премиер на Велика Британија.
Агенција Ројтерс го објави нацрт-комуникето од Самитот Г20 за ограничување на порастот на температурите на 1,5 степени Целзиусови – но за тоа нема да се постигне правно обврзувачки договор. Нацртот, исто така, ветува дека ќе преземе „конкретни мерки“ за да се запре нелегалната сеча, ископувањето и трговијата со диви животни, пишува Ројтерс.
Во меѓувреме, американскиот претседател Џо Бајден ќе се заложи за земјите да го зголемат производството на енергија, во услови на високи цени, како и да разговараат за план за спречување на идни пандемии. Тој исто така на средбите со Џонсон, Макрон и Меркел, ќе разговара за обновување на иранскиот нуклеарен договор.
Рано утрината еколошките активисти го блокираа сообраќајот во Рим со седење на улицата Кристофер Колумбо, која води до Конгресниот центар Нувола, каде што се одржува Самитот на Г20. „Доаѓа катастрофа, време е да се дејствува“ и „Од Рим до Глазгов, вашите иницијативи се проблемот“ ова се само дел нивните слогани.
Инаку, воздушниот простор над Рим е затворен за за време на самитот. За безбедноста на областа, која ја надлетуваат дрпнопви се грижат 10.000 полицајци, а затворени се 14 метро станици.
Билјана Ставрова
