Ковид19 Свет Топ вести

Украина бележи црни пандемиски рекорди додека Израел трета доза вакцина даде на над 40% од граѓаните

Пандемијата Ковид-19 во различни делови од светот создава различни приоритети, за некои, како Украина, ниската стапка на вакцинација ги полни болниците и секојдневно ги крши рекордите на новозаразени и починати, во Австралиската држава Викторија пак високиот процент на вакцинирани го враќа животот во нормален тек а Израел агресивно продолжува со кампањата за администрирање на трета доза, како начин да се справи со вирулентниот делта сој.

Втор ден по ред Украина вчера регистрираше рекорден број заразени и починати. Градските власти во Киев одлучија да ги затворат училиштата најмалку 2 недели а слични мерки се носат и во другите области каде стапката на заразност е висока.

Иако Украинците слободно може да избираат меѓу вакцините на Фајзер, Модерна, Астра Зенека и Синовак, досега едвај 15 % од 41 милион жители на државата се имунизирани, втора најлоша стапка на имунизација по Ерменија.

“Делта сојот е главниот проблем во нашиот оддел. Тежината на случаите е секако поголема и вирусот е поагресивен од лани. Пациентите се помлади. За жал, ниту еден пациент тука не е вакциниран” – вели доктор Валентин Корољук, од одделот за интензивна нега.

“Се што луѓето треба да сфатат е дека мора да се грижат за себеси и да се вакцинираат, затоа што е навистина страшно. Јас исто така не верував. Не скав ниту да ги слушам вестите. Посакувам сите луѓе да ги слушаат вестите и препораките на лекарите” – вели пациентката Љиља Сердјук.

Во Украина досега се регистрирани над 2,7 милиони инфекции и повеќе од 63 000 починати од Ковид-19.

Поинакви слики во Австралија. Раздвижени луѓе низ улиците, преполни кафе барови, ресторани, фризерски салони во вториот најнаселен австралиски град Мелбурн, кој по 77 дена излезе од карантин откако над 70 проценти од жителите на државата Викторија целосно се имунизираа.

“Програмата за вакцинација продолжува силно да се развива во државата и сега имаме и над 90%, односно 90,9% од жителите на Виктрија кои ја примиле првата доза на вакцината и 72,5% од луѓето над 16 годишна возраст сега се целосно вакцинирани” – изјави шефот на програмата за вакцинација во Викторија, Џерон Вејмар.

Иако рестрикциите се укинаа, властите и натаму апелираат на внимателност, откако во Викторија беа регистрирани 1750 ново заразени и 9 смртни случаи во минатите 24 часа.

Додека најголем дел од светот мака мачи да постигна висок процент на вакцинација на своетот население со две дози, еврејската држава тврди дека успешно излегува од 4-тиот бран од пандемијата, благодарение на агресивната кампања за давање трета, бустер доза.

Израел беше првата земја која уште на почетокот на годината вакцинираше голем дел од населението , но делта варијантата започна да се шири во летните месеци.

Во Јули, најпрвин на луѓетот над 60 годишна возраст започна да се дава третата доза од Фајзер.

“Јас би сугерирал дека земјите кои гледаат ефекти на ослабениот имунитет и зголемување на бројот тешки случаи меѓу вакцинираните повозрасни луѓе, треба сериозно да размислат за спроведување бустер вакцинациска кампања” – вели Ран Балицер, од експертскиот тим на израелската влада против Ковид-19.

Досега околу 3,9 милиони Израелци, или над 40 % од населението ја примија бустер вакцината а кај граѓаните над 60 годишна возраст, тој процент е над 70 отсто.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

 СДСМ со нова идеолошка платформа ќе врши притисок врз власта

Igor Trajkov

КОД – Посебни истражни мерки за борба против криминалот за кои граѓаните не ја знаат цената

Igor Trajkov

Ќе има ли нов скок на инфлацијата – статистика утре треба да ги соопшти податоците

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе