Тврдењата на британските медиуми дека руски шпиони го украле планот за производство на британската вакцина Окфорд – АстраЗенека се ноесновани, изјави денеска шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров. Тој нагласи дека таквите наводи се без основа и покритие.
Таблоидот „Сан“ во својот краток текст повикувајќи се на неименувани безбедносни извори, објави дека формулата за вакцина, развиена од британско-шведската компанија Астра Зенека била „украдена“, со цел да се направи руската вакцина Спутник В. Лавров вели дека овие наводи нема сериозно да ги сфата ниту Британците.
- Што се однесува до британските и другите западни партнери, мислам дека никој нема сериозно да ги сфати овие неосновани изјави. Имаше многу неосновани изјави- Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Рускиот министер за надворешни работи не пропушти да возрати велејќи дека иако има извештаи за ретки несакани ефекти од вакцината на Астра Зенека, каде што неколку луѓе добиле згрутчување на крвта по имунизацијата, – „такви случаи не се забележани по примањето на вакцината Спутник В. Спорот се случува во момент кога Велика Британија и Русија се на спротивни страни во кампањите за вакцинација.
Околу 85 проценти од Британците на возраст над 12 години примиле прва доза на вакцина против Ковид-19, додека речиси 80 проценти се ревакцинирани. Од друга страна, само 33 проценти од населението во Русија е имунизирано.
Рускиот претседател Владимир Путин, при своето обраќање пред новоизбраните пратеници потенцираше дека Русија мора да ја забрза својата кампања за вакцинација против Ковид-19 затоа што забележа најголем број дневни смртни случаи од почетокот на пандемијата.
Русија брзо ја разви својата вакцина против коронавирусот „Спутник В“, но кампањата бавно се одвиваше, а причината, меѓудругото, е недовербата кон владата.
Русија вчера пријави 973 смртни случаи од последиците од коронавирусот, што е најголем дневен број од почетокот на пандемијата, а истовремено имаше и 28.190 новозаразени лица. Во моментов 1,1 милион Руси се лекуваат од Ковид-19.
Билјана Ставрова
