Веднаш по затварањето на избирачките места во Германија се појавија првите излезни анкети кои покажуваат речиси изедначена трка меѓу Социјалдемократите и Демохристијаните. Анкетата на ЗДФ покажува водство од 2 проценти за Социјалдемократите, додека според Дојче веле се води мртва трка. Борбата за тоа кој после 4 последователни мандати ќе ја наследи канцеларката Ангела Меркел, не можеше да биде потесна. Лидерот на Социјалдемократите Олаф Шолц охрабрен од зголемувањето на подршката пред изборите, верува во победа.
Сега се надевам дека што повеќе луѓе ќе излезат да гласаат и ќе го потврдат тоа што веќе се чини дека е сигурно, а тоа е многу добар резултат за СДП и дека народот од мене ќе побара да бидам следниот канцелар на Сојузна Република Германија, порача Шолц.
Меркел и ЦДУ имаа 4 години да го изберат нејзиниот наследник, но кандидатите паѓаа еден по друг, се додека на врвот на листата не се искачи Армин Лашет. Но гувернерот на Северна Рајна Вестфалија брзо се претвори во една од пречките за можна победа на Демохристијаните.
Сите чувствуваме дека ова се многу важни избори, избори на кои ќе се одлучи по кој пат ќе тргне Германија во следните години. Токму затоа важен ни е секој еден глас и се надевам дека сите ќе го искористат своето право на гласање за повторно да може демократите да ја формираат новата влада, рече Лашет.
Другата пречка е самата ЦДУ. После 16 години не е мал бројот на Германците кои посакуваат промени.
Се надевам дека ЦДУ нема да бидат реизбрани, и дека ќе се случи промена и ќе се зголеми свеста во општеството. Бидејќи негрижата се повеќе расте, што исто така го објаснува и успехот на десничарските партии, вели Пабло Херлигхаус, 47 годишен столар од Берлин.
Но има и такви кои со нетрпение ги очекуваат промените.
Дефинитивно се надевам на промени во владата и мислам дека најверојатно СДП ќе победи. Но прилично сум среќна што завршува ерата на Меркел, вели невработената жителка на Берлин Ана Полицер.
Ова ќе бидат најнизвесните избори изминатите 20 години во Германија, иако анкетите им даваат предност на Социјалдемократите. И самите анкети покажуваа драматични промени. Од почеток водеа Демохристијаните, потоа еден период на чело избија Зелените, за во последно време Социјалдемократите да го преземат приматот. Несомнено е дека од сите три кандидати за канцелар, Олаф Шолц успеа најмногу да ги мотивира гласачите и подемот на СДП е негов успех.
Третиот играч, кој при формирањето на коалиционата влада можеби ќе ја игра најважната улога се Зелените. Лидерката Аналена Беарбок во текот на летото, во периодот на поплавите, успеа да изгуби голем дел од подршката, што ги спречи Зелените да станат посериозен кандидат за победа. Сепак, очекуваните 16 проценти ќе бидат историски успех на партијата која никогаш не освоила повеќе од 10 проценти од гласовите.
Влогот е голем на овие избори. Имаме слобода да одлучуваме и во тоа е убавината на една демократија. Дали ќе продолжиме како претходно со оваа голема коалиција, криејќи се секогаш кога работите ќе станат тешки, или ќе успееме конечно да започнеме нов почеток, праша лидерката на Зелените Аналена Беарбок.
Но во последната етапа од трката, Меркел одлучи да ја преземе штафетата кај Демохристијаните, што резултираше со благо зголемување на нивната подршка и ја врати надежта дека ЦДУ може да извојува неочекувана победа.
На крајот само една работа е веќе јасна кај овие избори во Германија. Без разлика кој и да победи, Социјалдемократите или Демохристијаните, нема да може да формира влада без подршката на другиот и секако без амин од Зелените.
Игор Трајков
