Вести Македонија Топ вести

Грција бега од обврската за замена на таблите, Дендиас во Скопје ги одбегна новинарските прашања

Задоволен од тоа како македонската срана го спроведува Преспанскиот договор, шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас, кој денеска беше во официјална посета на Македонија, не даде можност за новинарски прашања и да одговори дали тој е задоволен и од тоа како грчката страна го имплементира Договорот. Дендиас ја исчита својата изјава пред новинарите и го остави својот домаќин, македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, сам да одговара на новинарските прашања.

Сепак Дендиас пред да замине ја пофали македонската страна за менување на имињата на улицата Филип Втори и на Археолошкиот музеј, но не ги спомена несменетите сообраќајни табли во Грција кои реферираат на земјава или трите неусвоени меморандуми од грчка страна за соработка меѓу двете земји.

„Скорешни чекори беа направени и би сакал да ги препознаам и да го искажам моето задоволство за тие ваши чекори. Од отстранувањето на таблата, точно надвор, од оваа зграда во која што се наоѓаме, За промената на името на Археолошкиот музеј и за промената на таблите на граничните премини. Би сакал да нагласам дека имплементацијата на Преспанскиот договор не е една бирократска работа, туку треба да се имплементира секоја буква“, изјави Дендиас.

Османи пак не даде конкретни примери со пофалба за имплементацијата од грчка страна, а рече дека на средбата било разговарано за нератификуваните договори и меморандуми во грчкото Собрание кои произлегуваат од Преспанскиот договор и за непроменетите сообраќајни знаци.

„Прашањата се технички, во однос на организација на работата во грчкиот парламент, и тие го имаат ПРЕДВИД тоа

И ќе го направат во момент кога ќе проценат дека тоа е најсоодветно. Во однос на таблите објаснувањето е дека локалните власти се тие што не покажуваат ентузијазам. Меѓутоа и по однос на тоа прашање разговаравме пошироко и мислам дека во наредниот период ќе има решени и за тоа“, изјави Османи.

Сепак Османи не смета дека застојот во имплементацијата од грчка страна го загрозува Преспанскиот договор. Според него, Грција ги исполнила своите најважни и суштински обврски од Договорот – зелено светло за членство на земјава во НАТО и поддршка за старт на преговорите со Европската унија. За Османи, меморандумите се прашање на секторската соработка и повеќе се административни прашања.

„Прашањето на имплементација на Преспанскиот договор не е чин од еден акт, туку тоа е жив процес во кој што најважно е дали има политичка волја“, рече Османи.

А политичката волја искажана денеска на средбата Османи рече дека го прави оптимист дека двете земји уште подобро ќе соработуваат.

Дендиас кој освен со Османи имаше средби и со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, ја потсети Македонија за поддршката која ја добива од Грција за ЕУ и смета дека земјава наскоро ќе успе во европскиот обид, кога, како што рече, ќе бидат исполнети соодветните критериуми, за што вети помош од Грција.

Тамара Грнчароска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

По смртта на градежниот работник во Трубарево инспекторатот за труд го затвори градилиштето

Tea Dimkovska

Во Демирхисарската болница ќе биде спроведен на лекување таткото на Меланија која објави дека со нејзиното семејство се жртви на семејно насилство

Tea Dimkovska

МВР ја избриша објавата со слика генерирана од вештачка интелигенција за случајот со странецот кој се загуби на Матка

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе