Вести Македонија Топ вести

Четири до шест кандидати за градоначалник на Скопје

Гласачкото ливче за градоначалник на град Скопје ќе содржи четири, пет или шест имиња. Четворица се сигурни кандидати, петтиот се уште собира потписи, а шестиот  уште не објавил официјално. Бројот на кандидатури може да се зголемува до 11-ти септември.

Петре Шилегов, кој како предлог на СДСМ се бори за втор мандат и секојдневно презентира нови, почнати или завршени градски проекти, смета дека ВМРО ДПМНЕ ги потценува скопјани давајќи поддршка на кандидат што наводно е независен.

ВМРО ДПМНЕ верува дека следуваат промени и дека Данела Арсовска заслужува поддршка од сите демократски сили во земјата. Претседателката на Сојузот на стопански комори собра потписи како независен кандидат, по што, зад неа застана најголемата опозициска партија.

Данела Арсовска е успешен менаџер и ќе биде вистински чекор напред од сегашното сивило и дно на кое `не зацементира Шилегов. Наместо да етикетира и навредува, Шилегов треба да смогне сили и да каже каде потроши 12,5 милиони евра од продажбата на Градската куќа.

Актерот и музичар Петар Георгиевски за прв пат застана пред микрофоните како кандидат за градоначалник. Поддржан од Левица, вети уредување на кејот и обновување на Универзалната сала, а за капитални проекти ќе говори кога ќе види со колкави средства би располагал како градоначалник.

На листата на кандидати за градоначалник на главниот град веќе е впишана Ана Петровска. Поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина експресно собра потписи како дел од граѓанската коалиција „Зелен хуман град“.

Поранешниот пратеник од НСДП, Љубомир Јосифовски, има рок до крајот на денешниот ден да ги собере потребните потписи за независна кандидатура. Потребна му е поддршка од илјада граѓани на град Скопје.

Адвокатот Александар Тортевски најавува вклучување во изборната трка. За Телма потврди дека утре официјално ќе ја најави својата кандидатура како предлог на Твоја партија.

Наредниве десетина дена е отворена можноста и други партии да истакнат свои кандидати. Рокот за пријавување листи во ДИК истекува на 11-ти септември, а кампањата почнува на 27-ми.

Соња Николовска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Единаесет години жителите на Тетово чекаат општината да струши дивоградба

Tea Dimkovska

Трифун Костовски: Сивата еминенција и центри на моќ сакаат да ме уништат

Tea Dimkovska

Дали треба да се случи убиство? – Меланија од Куманово бара заштита од семејно насилство

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе