Поранешни партиски функционери зад независни кандидатури и советнички листи не се трета опција која ја очекуваат граѓаните, туку само голем удар за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ пред локалните избори. 60-тината најавени нови и независни опции пред локалните избори веќе добиваат партиска боја оценува политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Според него ваквиот тренд не може многу да промени, бидејќи во вториот круг секако победува оној кандидат со повеќе гласови, а колицирањето за советите ќе се случува постизборно.
Проблемот според Арсовски ќе се случи пред наредните парламентарни избори со оценка дека ваквата поделба на гласовите ќе го искомплицира процесот за формирање идна влада.
Сепак, според Арсовски ретки се кандидатските листи кои се партиски необоени и на овие избори се случува истата внатрепартиска борба на поединци со партијата кои не ја добиле поддршката, па се надеваат дека можат самостојно да освојат победа.
Фактот што повеќето независни листи произлегоа од лица од СДСМ, за премиерот не значи незадоволство од партијата, туку демократија. Во таков демократски амбиент според државната изборна комисија 38 совeтнички листи ги собрале потребните потписи, а уште 26 работат на собирање до крајниот рок, 11 септември на полноќ. За градоначалници без партија зад себе ќе се борат засега 18 кандидати, а 15 се во процес на собирање на гласовите. Засега Чунчер Сандево води со три пријавени кандидатури и уште толку советнички листи заедно со Град Скопје.
Павле Беловски
