Младите не следат политика и немаат доверба во политичките партии и Собранието, но на избори – гласаат. Речиси сите од оваа група сметаат дека на нашата земја и треба политички лидер со цврста рака.
Не се задоволни од нивната положба во општеството – но, не преземаат ништо за да си ја подобрат.
Излезот го гледаат само надвор од Македонија.
Не веруваат дека институциите се грижат за младинските потреби, а би се потпреле најмногу на студентските и средношколските здруженија.
Повеќе од половина од младите сметаат дека не можат воопшто да влијаат на одлуките на властите.
Ова се главните заклучоци од најновата студија на Фондацијата за демократија на Вестминстер и Младинскиот образовен форум. Во истражувањето се слушнати мислењата на 1053 млади лица на возраст од 15 до 35 години.
„Во случај да имаат можност да се иселат од државата – шест од десет млади луѓе би го направиле тоа. прашани дали доколку заминат постојат шанси да се вратат во државата, речиси една четвртина од младите изјавуваат дека со сигурност би се вратиле. 78% од испитаниците ретко или никогаш не преземале нешто за да решат определен општествен проблем со којшто се лично засегнати или го гледаат во нивната околина“ изјави Стефани Спировска, претседателка на Младинскиот образовен форум.
Патот по кариера и потрагата по повеќе можности е тоа што е најатрактивно за младите кога ги разгледуваат своите опции за просперитет во странство.
Тоа го потврдува и Лоран Бајрами, млад човек кој повеќе од половина деценија живеел во Турција за да студира филмска режија.
Тој вели дека секој може таму да го развие својот потенцијал и да успее.
Но, сепак решил да се врати овде и не ја исклучува можноста во иднина повторно да ја напушти Македонија.
„Сигурно дека секој на свој начин може да си го најде патот таму, има повеќе можности. Но, нели секоја држава си има свои проблеми и луѓето носат некои одлуки според тоа што им чини, а што не им чини. На пример, мене овде ми е попријатно и пофино за живеење. Сега засега јас сум овде ама во иднина зошто да не – ако се отвори некоја можност би се пробал и во странство“ изјави Лоран Бајрами.
Истражувањето на младинските организации покажува и дека голем дел од младие се директно засегнати и од Ковид-кризата бидејќи токму во тој период ја загубиле и својата работа овде во државата.
Денес, на одбележувањето на Меѓународниот ден на младите се огласија и од Сојузот на синдикати од каде што велат дека од почетокот на кризата предизвикана од коронавирусот, речиси 30 проценти од луѓето кои останале без работа се млади лица под 29 години што значи дека секој четврти човек кој останал без работа е млад човек.
Петар Догов
