Браќата Славе и Слободан Никовски од маалото Мокра Ливада од делчевското село Нов Истевник во рок од 30 минути изгубиле се што тие создавале, но и нивните предци од пред два века.
Сложните браќа имале краварска и свињарска фарма, бачило за овци, млин за сточна храна,пчели, но и сирење кое биле спремно за продажба.
Пожарот кој дошол од маалото Пасјак на 5 ти август за час им го пеплоса неколку деценскиот труд, инвестиции, пари, а од старата куќа одвај ја извлекле нивната 80 годишна мајка.
Слободан и неговата мајка живееле во оваа куќа, која ја проголта огнот, во неа им бил и целиот ќар од стоката. Проценката им е дека штетата само на сирењето им е околу 24.000 евра.
Бараат инспекторите и комисиите веднаш да дојдат и да ја проценат штетата, бидејќи имаат голем број на изгорени овци, јагниња и свињи, а опасност да не останат како доказ на фармите или околу нивниот имот се и волците, кои сега лутаат и бараат храна и во населените места.
По девет дена беснеење на големиот шумски пожар во пијанечко малешевскиот регион, конечно денеска е и тивко, а домашните и странски спасувачките сили можат малку да здивнат, иако се постојано во обиколка и контрола на шумите.
Ова се снимки од височина на околината на пехчевско Робово каде деновиве гореше боровата шума.
Пред две лета ги снимал фотографот Јован Лесански и ја прикажуваат убавината на овој живописен крај. Тука жителите дишат со полни гради, а се во срцето на регионот кој всушност се белите дробови на цела Источна Македонија. За само неколку денови огновите ги проголтаа најубавите шуми а опасност беа и за селата.
Во Делчевско има изгорено по две куќи и викендици, фарми, стока и неколку плевни, но и голема површина на шума. Градоначалникот на Делчево навестува огромна материјална штета во овој регион, иако се уште е прерано да се зборува за некој прецизен паричен износ.
Најави и дека во текот на есенските месеци ќе се преземе акција за пошумување на опожарениот терен, со цел да се возобнови биодиверзитетот во општината.
Трајковски и останатите градоначалниците од овој регион ќе побараат измена на законската регулатива, со која затворските казни за пироманите кои го потпалуваат шумите и стрништата да се зголемат од максималните 8 на 30 години.
Исто така според делчевскиот градоначалник, уште поважно е изгорената шумска маса да не се дава на користење на приватни корисници, туку само на “Македонски Шуми”.
Викторија Јованова
