Првите повици за помош на големиот празник Илинден пристигнаа од Кочани. Додека властите ги чествуваа илинденците во Крушево, на другиот крај од земјава веќе се гледаа апокалиптични сцени.
Многу страшно! Селото ќе изгори! Каде се авионите сега, хеликоптерите? прашаа граќаните кои сами се обидуваа да го изгаснат пожарот
Ниту авиони, ниту хеликоптери. Канадерите не се сервисирани, хеликоптерите не летаат ноќе. Со бели кошули и засукани ракави од славје, и власта и опозицијата дојдоа во Кочани.
Важно е да ги споделиме сите ресурси, и важно е што сме сите активирани, порача премиерот Заев.
Треба да преовлади разумот а не личната фрустрација, и луќето повторно да почнат да си ја вршат својата работа, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Но ресурси речиси и да немаше, утрото покажа дека Кочанчани си го спасија градот сами, речиси со голи раце, штети имаше по куќи и фарми.
Го чувавме ридот. Имав на ридот фармичка, чував кокошки, и тоа се запали. Од горе од ридот, целиот рид гореше. Беше пламнато ниту Господ не можеше да ги изгасне а не пак луѓето, ни рече еден жител на Кочани.
Активни беа 13 пожари во кумановски, струмичко, битолско, штипско и скопско, а денот беше долг. Старо Нагоричане беше најопасно, вечерта се разгоре и на граничен премин Богородица, а снимките од пожарникарските возила кои таму гасеа само ја потврдија информацијата од претходниот ден дека во земјава се гасне со 7 децениски возила и недостигаат 530 пожарникари.
Нека залади, нека се изгаснат пожарите и ќе направиме една анализа, и ако заклучокот е дека сум потфрлил, јас ќе си дадам оставка. И на само оставка, туку и ќе заминам надвор од државата, изјави следниот ден директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
Пехчевско делчевскиот регион веќе ги имаше првите апели за помош од воздух оти густата малешевска шума почнаа да ја голтаат пламени јазици. Опасност демнеше над двете села Умлена и Робово, но хеликоптерска интервенција нема. Вечерта пак од Кумановско Нагоричане веќе стигна првата информација за можна жртва таму.
Бабата остана ли таму во куќата? -Во куќата е таму, изгорена. -Сигурни сте дека остана внатре? -Сигурен сум, како не, изјави Борис Димковски, кој во пожарот ја изгуби животната сопатничка и речиси целиот свој имот.
Петти август беше и најкритичниот ден за Македонија. Помош пристигна од Бугарија, Словенија, Србија. Но хеликоптерите иако најавени, никако да полетаат. Пламенот ја голташе шумата на потегот Пехчево-Делчево, загрозени беа неколку села, најлошо поминаа делчевски Нов и Стар Истевник, каде изгореа и куќи, за малку беа спасени Црник и Тработивиште.
Истата вечер се распламте и скопски Охис, Кучково, Велес, Кавадарци, Штип, Прилеп. И вчера исто толку драматичен ден помина Малешевијата, а ветрот го промени правецот па почна да се заканува на будинарци и Робово.
Веќе пет денови Македонија е во пламен, капацитетите главно се оскудни, одговорност нема. Илјадници хектари шума која не може да се обнови повеќе од половина век изгоре, стотици животи беа загрозени, десетици куќи и имоти во опасност. Во меѓувреме најголемите критики се на адреса премиерот и владата, кои по илинденската ноќ заминаа на сончевите плажи на Халкидики. Соцето над Македонија се гуши во густ чад.
Билјана Николовска
