По прилогот кој го емитуваше Телма минатата недела за жители на Хром кои се плашат дека нивните домови ќе се урнат затоа што се со исти темели и потпорни ѕидови со објектите кои треба да бидат заменети со петкатни згради, реагираше нивната сосетка Антоанета Павловска која тврди дека нема да се урнат домовите на Лазиќ и Џиковски и дека и се попречува инвестицијата за која има добиено маркица.
-Ова го пишувам затоа што сум засегната, бидејќи сакам да правам зграда на мојата парцела, на маркица која ми е одобрана од општина, со што не можат да ме оспоруваат во градба. Во нивниот исказ дека ако се прави зграда ќе им се сруши куќата го наведувам следното:
– заедничкиот ѕид не го допираме од самата куќа, со цел да не оштетиме никого, така што зградата се поместува за 20цм во нашата парцела, бидејќи ќе има подземни гаражи , се прави ѕид во должина од 20 метри и висина до цоклето на згрaдата. Тој ѕид е појачан со пет стубови кои се поставени од гаражата по цела вертикала, фактички тој е како потпорен ѕид на куќата и нема да дозволи никакво оштетување, туку ќе биде изведен со сите потребни изолации, тврди Антоанета Павловска во реакцијата-демант и наведува дека има слични примери во соседството кога не се урнале домовите откако на лепенките биле изградени нови згради.
Од друга страна семејствата Лазиќ и Џиковски со стручни наоди од експерти и професори од градежниот факултет, пред сите надлежни безуспешно докажуваат дека нивните куќи се во опасност и може да се урнат доколку темелите се поделат на половина. Досега се издадени сите дозволи, а градоначалникот на Ѓорче Петров изјави дека за одобрение за градба ќе се бара законски предвидена согласност од соседите.
