Дваесет илјади евра изнесува најголемата казна за загадувачи на животната средина во првата половина на годината.
Казнети се газдите на оранжерија во Градско, за излеан мазут во Вардар. Најниската казна изнесува три илјади евра, а причината е – запалена депонија.
Ова го пишува во извештајот на Државниот инспекторат за животна средина од каде што се пофалија со зголемен број на инспекции, но и најавија уште повеќе казни за загадувачите.
„Утврдени се 363 неправилности, односно законски повреди за кои се издадени решенија за нивно отстранување. За споредба, во истиот период во 2020 година се утврдени само 120 неправилности. Казна од 20 илјади евра е изречена за една оранжерија во Градско. Имавме информација пред два дена. Државен инспектор за животна средина доби пријава дека е излеано мазут во Вардар“ изјави Ана Петровска, поранешна директорка на Државниот инспекторат за животна средина.
Засилените акции за заштита на животната средина ги објави Ана Петровска, а тоа воедно беше и нејзината последна активност како директор на Државниот инспекторат за животна средина.
Сменета е од позицијата директор, а такво нешто побарале од нејзината матична партија ДОМ. Владата на нејзино место го постави Сретен Стојковски како в.д. директор.
„Има реакции од многу граѓани и граѓански здруженија, како и од вработените во Инспекторатот дека не се менаџира соодветно оваа институција. Граѓаните се незадоволни дека по тие пријави кои ги пишуваат на апликациите на Месинџер, на Фејсбук до Инспекторатот – по голем број од нив не се постапува или ако се постапува и се прави контрола, тоа е премногу доцна, по неколку дена откако тоа ќе помине“ изјави Маја Морачанин, претседател на ДОМ.
Откако Владата ја разреши Петровска од позицијата, таа испрати само една кратка реакција.
„Благодарна сум за довербата што ми ја укажа Владата и можноста да придонесам за здрава животна средина. Останувам во секторот и продолжувам да работам за јавниот интерес“ вели Петровска.
Петровска од позицијата директор си заминува задоволна од сработеното бидејќи вели дека е постигнато многу иако Инспекторатот располага со мал број на инспектори – а, дел и од тие што се вработени периодов не доаѓале на работа – еден на неплатено отсуство, еден на боледување, а еден суспендиран заради сомнеж дека земал мито.
Петар Догов
