Не изостанаа поделбите ниту за овој Илинден на централната манифестација што вечерва се одржа на Мечкин Камен во Крушево. Граѓаните кои дојдоа на чествувањето се надвикуваа меѓусебно во моментот кога доаѓаше делегацијата предводена од претседателот на државата Стево Пендаровски.
Прославата на двата Илиндена се одвиваше со силно полициско обезбедување и голем број редари, а теренот го надлетуваше и полициски хеликоптер. Некои од присутните реагираа токму поради тоа, а други пак упатија пораки за обединување.
Прославата започна со парада на Илинденската коњаница. Цвеќе на споменикот на Мечкин Камен, положија претседателот Пендаровски, премиерот Заев, дипломатскиот кор, министрите во Владата, лидерите на коалиционите партии, а за првпат на манифестацијата присуствуваше и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Пригодна реч со пораки за Илинден имаше актерот Никола Ристановски, а цитираше и делови од Крушевскиот манифест.
Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода, цитираше дел од Крушевскиот манифест актерот Никола Ристановски
Потоа следеше културно уметничка програма на која учествуваа ансамблот Танец , ансамблот на албански ора и песни, настап имаше Влатко Стефаоновски, како и воениот оркестар на Армијата.
Емилија Мисирлиевска
