И Титаник 3 потона после одлуката на скопска апелација. Одлуката за процесот за изборни нерегуларности за локалните избори во 2013 та, ќе почне од почеток бидејќи е укината првостепената пресуда.
Со ова двајцата функционери на ДУИ Исмет Гури и Ејуп Алими кои првично добија по три и пол години затвор сега од ново ќе седнат на обвинителна клупа. Апелациониот суд не објави образложение зошто, само кусо информира.
По одржана нејавна седница на ден 12.07.2021 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите, изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, велат од Апелација.
Ова се случува откако претходно 6 предмети на СЈО се вратија од почеток, поради две разрешувања на судија и судија поротник кои беа вклучени во процесите. Во нив се обвинети функционери на ВМРО ДПМНЕ.
Во овој случај пак се од владечката коалиција и тоа за изборни нерегуларности за локалните избори во 2013 та. Уништувале изборен материјал на локалните избори во Чаир по завршувањето на гласањето, и интервенирале во бројот на добиените гласови во записниците.
Во тоа време Гури бил секретар на Општинската изборна комисија во Чаир. За министерот за правда Бојан Маричиќ ова не е политички дијалог меѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ и тоа пред локални избори.
Последно со што се пофали министерот е дека 50 случаи на висока корупција кои се водат во македонските судови ќе ги набљудува и ОБСЕ.
Но решение како да се спречи опасност од застарување токму во оние каде главни обвинети се политичари, за сега нема.
Билјана Николовска
