Премиерот убедува дека има мали измени во законот за контрола на опојни дроги, владиното соопштение ја негира неговата изјава. Се дозволува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели се вели во соопштението додека Заев вели дека тоа не е ништо ново. Формирањето на агенција за контрола и додатни давачки за компаниите кои имаат лиценци за канабис се двете новини кои ги посочува премиерот.
Владата не го дава предлог законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци кои го усвои доцна синоќа. Одговорот до Телма беше дека се чека да се потпише записникот. Во меѓувреме настана забуна што се се менува со новиот предлог. Во синоќешното соопштение пишува дека една од новините е формирање на Агенција за контрола на одгледувањето екстракцијата и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели. Уште една значајна новина е обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат 10% од нето добивката остварена во тековната година. парите ќе се уплаќаат на сметка од која пропорционално ке одат за агенцијата, лекување ретки болести, за медиумски фонд, за спорт, образование и НВО сектор. Но Владата уште информира:
Влада на РСМ: Со предлог на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко при тоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата.
Заев убедува извозот на цвет од марихуана и до сега бил дозволен.
Но, ако се погледне законот поставен на ЕНЕР може да се забележи дека токму извозот на цвет од канабис е причина поради која се воведуваат измени. Предлагачот напишал дека интересот е зголемен и поради рапидно зголемената цена на светската берза на маслото од канабис и сувиот цвет од растението канабис.
Член 52 став 5: Хербалната суровина во форма на цвет добиена од исушеното растение канабис може да се извезува од одгледувачите на канабис.
Ваквиот закон за опозициската ВМРО ДПМНЕ е само поради бизнис интересите на фамилијата на премиерот. Заев пак убедува дека секој изгубен ден до изгласување на законот се изгубени пари за државата. Прв пат легализацијата на масло од канабис за медицински цели беше донесена во 2016-та година.
Билјана Николовска
