Ги убивал, па ги силувал, но не се чувствува виновен. Дваесет и петгодишниот Трајко Бојковски, серискиот убиец од кумановско Нагоричане, на стартот на судењето за четири убиени жени и два обида за убиство, првично не знаеше ниту да се претстави. Судницата се исполни со роднини на жртвите, но и бројни медиумски екипи, а тој се смееше кога судијата Мирсад Сурои го прашуваше за неговиот идентитет, иако тројца психијатри утврдија дека тој е способен да го следи судењето и бил пресметлив кога ги сторил грозоморните убиства.
Обвинителот Љубомир Лапе истакна дека со умисла ги убивал жените за кои знаел дека живеат сами, беспомошни, најчесто биле кревки и спиеле. Намерата му била некрофилска, за да ги задоволи своите полови страсти кон мртви женски тела.
- „Тоа ќе биде корелација помеѓу обдукциските наоди од една страна и психијатриското, судско-психијатриското вештачење. Воедно, на истите околности се предложени и двете оштетени коишто ги преживеале нападите и коишто во детали опишуваат како бил извршен нападот. И тоа сето во содејство со вештите наоди и мислења од обдукциите за видовите на повреди кореспондираат, се работи за исти или слични телесни повреди“ – рече обвинителот Љубомир Лапе.
Адвокатот кој го бранеше Бојковски се откажа од него. Го советувал и очекуваше дека ќе признае вина, но обвинетиот негираше.
- „Обвинетиот не го прифати мојот совет да признае вина на првото рочиште и сметав дека повеќе моите услуги правни нема да му се од корист и затоа го откажав полномошното на истиот“ – поранешен адвокат на Бојковски.
Според обвинението, сериските убиства се случувале од јануари во 2025 до февруари во 2026 година. И покрај тоа што жените биле пронаоѓани мртви во своите домови, полуголи, со модринки и крв, никој не пријавил дека се работи за убиства. И двете стари жени кои само среќа ги спаси од смрт и преживеаја, пријавувале напад и го посочиле Бојковски, но сепак немаше истрага за него.
Три ексхумации и обдукции потврдија дека убиените биле погребани како природна смрт, а и сега во обвинението до детал се опишани нивните скршеници и модринки. Обвинителството отвори истрага само за двајца доктори мртвопроверители од Куманово. Истрагата за нив можно е да се префрли во Скопје заради објективност.
- „Очигледно е дека имало пропусти во самиот систем, така што да било спречено првото убиство, можеби би биле спречени останатите убиства, меѓутоа за жал тоа не е така. Знам дека има друга постапка против двајца доктори, меѓутоа засега немам доволно информации за тој тек на постапката“ – Александар Симоновски – адвокат на семејство на жртва.
- „Ќе оставиме во текот на постапката, со оглед на тоа што сега моментално сме во фаза на доказна постапка, ќе оставиме од доказите коишто ќе бидат изведени да се докаже што точно се случувало и како се случувало“ – Александар Симоновски – адвокат на семејство на жртва.
На новинарско прашање дие досега се повикани во обвинителството да дадат исказ за таа постапка за докторите, адвокатот рече дека сите се повикани.
Трајко Бојковски се брани од притвор, а за следното рочиште е предвидено како сведоци да бидат повикани двете преживеани баби. За обвинителството ова е единствен ваков случај кој не е запаметен во македонската и југословенската историја.
Билјана Николовска Тодорова
