Стар банкомат, неупотребуван и покриен со прав таложен шест години, остаток од пломба ставена од Народната банка, ознаки на веќе згаснатата „Еуростандард“. Зградата и поранешното седиште на банката сега се во сопственост и владение на Фондот за осигурување на депозити кој ги исплаќаше сите депозити под 30.000 евра по затворањето на „Еуростандард“.
Во таква состојба зградата го дочека обвинението за пропаѓање на банката, поднесено од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, против сопственикот Трифун Костовски, неговиот син Коста Костовски и поранешните менаџери на банката, Николчо Петковски и Зоран Николовски. Обвинети се за предизвикување на стечај и за несовесно работење во службата, а штетата според обвинителството е околу 27 милиони евра.
Телма контактираше телефонски со сопственикот Трифун Костовски кој вели дека негов правен тим ги анализира извештаите за случајот, бидејќи сè уште не им е доставен официјално обвинителниот акт. Тој најави дека по проучување на обвинението ќе се обрати до јавноста.
„Имаме сомнеж за висината на сумата спомната во известувањето на обвинителството. Обвинителството се откажа од гонење на делото „Перење пари“ и тоа значи дека случајот треба да биде предаден на основното обвинителство, но не е. Тоа е многу чудно. Подготвуваме и пријава за стечајниот управник, бидејќи го водеше стечајот без лиценца за стечаи на банки. Стечајот сè уште трае, а исплатени се над 99 проценти од долговите и останува стечајна маса“, вели Трифун Костовски.
Случајот сега е во суд, каде треба да се одобри обвинителниот акт. Од друга страна, обвинителството не одговори што ќе се прави со фирмите кои беа покритие и залог, добивале високи кредити од „Еуростандард“ и не ги враќале.
Фирмите доверители биле македонски, но потоа заедно со долгот биле препродавани на други фирми кои биле во сопственост на лица најмногу од Косово кои имале живеалишта во тетовско-гостиварскиот реон. Тие лица не можеле да бидат лоцирани ниту во Македонија, ниту во Косово, велат за Телма од истражните органи во Скопје кое работеле на случајот „Еуростандард“.
Миомир Серафиновиќ
